March 28, 2024

Владината копрофагија во јавните финасии

Пишува Петар Поп-Арсов

Вистинското име на даночната реформа
Даночна реформа!

Навистина? Или само во обид?

Не можам да се сетам дека некогаш, некоја од владите формирани од партиите на власт направиле некаква економска, финасиска или даночна реформа. Особено не реформа која што ќе се помни како нешто кое што донело поголема финасиска стабилност, економска независност и поквалитетен живот на македонските граѓани во овие триесет и кусур години. Веќе е депласирано и излитено повторно и повторно да се спомнува транзицијата, грабежот при приватизацијата, стечаите и стечајните работници од деведесеттите години кои останаа единственото нешто на кои што можеме да се сетиме како на „забележителни достигнувања“ во економско-финансиската област на партијата на власт.

Оттука и дилемата за тоа дали нашиве владетели сериозно сметаат дека се способни да спроведат некаква реформа, во случајов даночна, или ова ќе стане уште еден неуспешен обид чии што последици најубаво ќе ги почувствува обичниот граѓанин, работникот и неговиот домашен буџет?!

Јавната дебата за „даночната реформа“ е отворена, обзнани актуелниот министер за финансии. Тој деновиве во својство на гласноговорник на македонската влада невешто и неубедливо се обидува да ни ја претстави нејзината очајничка намера да се дојде до денар плус како за некаква даночна реформа. Имам впечаток дека и самиот не верува во тоа што го пишува и говори, собено кога го употребува терминот даночна реформа како уметничко име за вовлекувањето на лепливите прсти на власта во џебот на граѓаните.

„Она што владата ви го дава, најпрвин мора да ви го земе!“ – рекол некој мудар и реален човек.

Тоа е нешто нормално насекаде во светот. Константа која претставува почеток и крај на сите реформирани и нереформирани даночни системи. И тоа не е спорно. Единствените две варијабли кои сите нас нè интересираат и се суштината во оваа област е тоа колку владата ќе ни земе, а колку ќе ни даде!? Околу овие две варијабли се вртат сите прашања поврзани со „взаемната љубов“ меѓу граѓаните и нивните избраници во владите на речиси сите земји во светот. Овие две варијабли истовремено се онаа линија на допир и раздвојување од кои зависи квалитетот на живот, просперитетот и економската стабилност на граѓаните и државата во која што живеат, како и успешноста на власта која што ја избрале.

Како што изгледа на прв поглед, во нашиов случај македонски, варијаблата „владата ни зема“ ќе оди нагоре, ќе расне. Варијаблата „владата ни дава“, благодарение на инфлацијата и владината неспособност, ќе оди надолу.Ова е најкратка и најгруба дефиниција за главната намера и цел на владината „даночна реформа“.

Со оглед на отворената јавна дебата за „даночната реформа“, во продолжение на текстов би сакале да дадеме неколку коментари и мислење за поедини детали од реформата, пред дебатата да ни биде затворена пред нос.

Звучи како бајка објаснувањето на министерот дека реформата е во функција на поддршка на економскиот раст.Во услови на криза во светот, инфлација, недостаток на енергенси, дури и на храна, во услови кога на сите страни се најавува тешката зима која што ни претстои, зголемувањето на опфатот и висината на даноците да се прикажува како мерка за поддршка на економскиот раст звучи несериозно и манипулативно. Впрочем како што се и сите останати политики на актуелната власт. Ќе беше многу пореално доколку оваа мерка беше претставена како мерка за запирање на стрмоглавиот пад, но не падот на стандардот на граѓаните кој и без тоа е паднат, туку падот и распадот на владата на Ковачевски по сите основи? Нормално дека нема да кажат такво нешто.

Министерот вели: „На расходната страна воведуваме механизми за стратегиско планирање, буџетирање врз основа на претходно остварени резултати, засилена контрола и транспарентност.“…и останати бла, бла, флоскули.

„На приходната страна во СМАРТ-системот, потребни се подобрена наплата и поголем опфат на даночното зафаќање, за да има фискален простор за политики за поттикнување повисок економски раст на среден рок. Обезбедувањето приходи од сигурни извори значи стабилност и избегнување процикличната фискална политика и на зголемувањето на јавниот долг.“

Во превод, ја презадолжија Македонија далку повеќе од нормативно пропишаниот лимит и сега најсигурниот извор на приходи за нивниот опстанок на власт е токму џебот на граѓаните. Како може да има економски раст базиран исклучиво на јавните финансии, макар тие биле и стратегиски, отчетно и транспарентно управувани? Зарем не треба нешто повеќе од тоа? Каде се странските инвестиции, новите проекти, завршувањето на веќе започнатите?!

Еден жив организам не може да расне доколку се храни само со сопствените ткива или уште полошо само со сопствените метаболити, биле тие цврсти или течни. Потребен е внес на свежа храна, вода, воздух, енергија за да се генерира раст или во најмала рака оддржување во живот. Владиниот концепт на копрофагија во јавните финансии (подобро да не го објаснувам значењето на терминот копрофагија… срам ми е) води во сигурна стагнација и пропаѓањедо степен на самозагушување на државата во сопствените… политики. За каков економски раст тие сонуваат со ваков пристап?

Самиот министер за финансии вели дека: „Стапката на економски раст на една земја зависи од повеќе фактори, како што се иновативноста, инвестициската активност, пристапот до финансирање, претприемништвото, вештините и мобилноста на работната сила, флексибилноста на пазарот на трудот, цената на трудот, квалификуваниот кадар, административните процедури, инфраструктурата, владеењето на правото итн.“ Многумина би додаледека зависи и од борбата против корупцијата, криминалот, сузбивањето на сивата економија, дури и од рамковните вработувања без одење на работа.

За волја на вистината министерот Бесими ја посочува сивата економијакако проблем, која патем кажано во мандатот на оваа „фина и толерантна“ власт стана двојно поголема. Тој и неговиот шеф Ковачевски планираат да ги засукаат ракавите и да се борат против сивата економија со „ефикасни инспекциски служби“ и преку „мерки на Царинската управа во борбата против неформалната економија“. Баш преку инспекторите и цариниците, оние за кои во јавноста постои мнение дека се егзекутива во коруптивната пирамида во државата ќе ја сузбиваат сивата економија. Оние кои се извршната компонента на создавањето и дуплирањето на сивата економија во последниве пет години, ќе биле еден од основните фактори врз кои ќе се потпира ефикасноста на даночните реформи. Зарем навистина веруваат во тоа?

Расчистете со корупцијата по хоризонтала и вертикала на сите нивоа, средете ги инспекциските и царинските служби, па дури тогаш тргнете во потрага за денар плус од џебот на граѓаните! Проблемот не се решава со половични мерки ниту пак со истата екипа која што истиот го создала, била таа да се наоѓа на командно ниво во владата или извршно ниво во царинските и инспекциските служби. Без сериозна борба и справување со корупцијата оваа даночна реформа ќе се сведе на правилото оној што до сега плаќал ќе плаќа уште повеќе, оној што до сега затајувал ќе затајува повеќе. Класична казна за дисциплинираните даночни обврзници поради оние недисциплираните, односно затајавуачите на данок – криминалци.

Бесими информира дека владата ќе работела на јакнење на даночниот морал.

Даночен морал???

За каков даночен морал зборува министерот? Па и до сега данокот го плаќаше оној кој поседува даночен морал заедно со оној кој морал да плати данок. Проблемот беше во оние кои што свесно, коруптивно и организирано системски го затајуваат. Што правиме со нив? Даночната дисциплина не се постигнува прекупатетично очекување за зголемување на свеста и моралот туку преку соодветна, доследна и неселективна примена на законите.

Сосема јасно дека „даночната реформа“ на Ковачевски и Бесими е очајничка импровизација за доаѓање до дополнителен извор на пари заради санирање на последиците од нивната неспособност. Очајнички е намерата за прогресивно оданочување на личните приходи со што се дестимулираат способните и успешните кои се моторната сила во секое општество. Очајничка е намерата за оданочување на штедните влогови на граѓаните кои на тој начин посредно ги пласираат сопствените пари во македонскиот бизнис и економија. Зарем секој што има штеден влог треба да го повлече и индивидуално да бара решение за пласман на своите пари само за да би се заштитил од озаконет грабеж од државата. Оваа реформа на Ковачевски и Бесими ќе биде одличена подлога за пишување на научни трудови на тема „Развојот на штедењето во Македонија од сламарица до Дормео душекот“.

Очајничка е и намерата за зголемување на повластената стапка на ДДВ за оние производи оданочени на таков начин. Во време на секојдневното поскапување на лебот и останатите прехрамбени производи, во време на секојдневното намалување на куповната моќ на граѓаните, владата планира да го зголеми ДДВ на сновните продукти оданочени со повластена даночна стапка.

Секоја чест!

Ставовите искажани во рубриката Колумнa се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на pelanet.mk. Редакцијата на pelanet.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.


1016