October 2, 2022

БИТ ФЕСТ: СЕ ОДРЖА 10 ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ НА ЕЛЕКТРОНСКА МУЗИКА „СМОТРА“ ВО СТАРАТА БИТОЛСКА ЧАРШИЈА

Како дел од “Бит Фест“ во Старата битолска чаршија на улицата “Панда Чеснова“ се одржа фестивалот на електронска музика „СМОТРА“ во организација на “Асоцијација 615“.

„По девет непрекинати изданија, обединувајќи ги најдобрите таленти успеавме да изградиме и одржиме фестивал кој претставува дестилатор на најдобрите електронски звуци во Македонија.

Со необичните локации (запуштени објекти во поранешната касарна, старата чаршија, подземни гаражи итн.) и внимателно избрани изведувачи кои настапуваат со енергични ди-џеј сетови и настапи во живо, СМОТРА претставува одлично место за сите перфекционисти и љубители на алтернативната култура.

Овој мултимедијален проект во форма на музички фестивал е креиран од млади ентузијасти со цел да ја децентрализираат електронската музичка сцена и да ги приближат младите до современите уметности“, велат од Асоцијација 615.

Многу настани ја одбележаа и изминатата недела на БИТ ФЕСТ. Накратко, преку видео ретроспектива на следниот линк се потсетуваме на содржините кои се случуваа во салата на Кино Манаки, Концертната сала на Офицерскиот дом, сцената на Народниот театар, Старата чаршија…Вечерва, со почеток од 21.00 часот во Офицерскиот дом, ќе биде изведен концертот „Табула раса“ на Камерниот оркестар Профундис и солистите Владимир Костов – виолина, Ана Контраденко – виолина и диригент Ѓурѓица Дашиќ.

Во неделата пред нас, исполнуваме еден месец од почетокот на битолското културно лето, а следуваат настани преку кои главен акцент ќе биде ставен на музиката и традицијата, но и на ликовната и филмската уметност.

Дел од БИТ ФЕСТ оваа година е фестивалот „Илинденски денови“ кој започнува утре, а ќе трае до 30 јули, под слоганот .„Од корените…до цветот“, како и Локум фест – фестивалот на музика и традиција, кој започнува во четврток.

До идната недела, дел од културната понуда на општина Битола се и: Годишната изложба на ДЛУБ, концерт на КОД 369, Концерт за кларинет, глас и пијано со Ристо Ѓорески, Весна Гиновска Илкова и Елена Атанасовска – Ивановска.

Во недела, на 24 јули, во Офицерскиот дом, публиката ќе може да го проследи концертот на Ана и Игор Дурловски, насловен: „Со лезет за Битола“.

Информации за настаните се достапни и на веб страната на БИТ ФЕСТ www.bitfest.mk, како и на инстаграм и фејсбук страната на фестивалот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.