April 25, 2024

Мицкоски: Кој ќе одговара за екоцидот кој се случува во Битола?

„Кој ќе одговара кривично за овој ЕКОцид ? “ – прашува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој на социјалните мрежи објави фотографии и видеоснимка од црн чад кој излегува од оџаците на РЕК БИТОЛА.

Мицкоски во објавата го повика министерот за правда Тупанчевски, за како што вели, во реалноста да се види како ќе функционира кривичното дело Екоцид, кое треба да се воведе, а кое ќе предвидува максимални затворски казни за загрозување на животната средина.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија и дека на депонијата во РЕК Битола нема резерви на јаглен, односно дека располага само со 90 илјади тони мешавина со земја, кој велат дека е доволно за работа за само неколку дена. Од партијата предупредуваат и на технички проблеми со филтрите на блоковите.

-Проблемите во РЕК не се само со немањето на јаглен или неговата слаба калорична вредност, туку и технички. Имено сериозни се проблемите на филтрите на блоковите, а посебно на блок 2 кој е целосно запоставен во одржувањето. Затрупани се зоните во филтерот со пепел и земја. Ваквиот аматеризам при работата со РЕК Битола е причина за енормното загадување деновиве од оваа енергетска постројка, кое е пропратено со густ жолто-кафеав чад што е мешавина од пепел и земја.- Марија Митева – Портпарол на ВМРО ДПМНЕ

По фејсбук – објавата на Мицкоски со реакција се огласија од ЕСМ. Велат дека станува збор за краткотрајно тестирање на „стартната котлара“ која работи на мазут и отпочеток создава многу чад. ЕСМ сподели и фотографија која, според компанијата, покажува работење со два блока.

-Таква проверка на функционалноста е направена денеска помеѓу 6.30 и 7 чaсот, при што е утврдено дека истата е функционална и е на располагање да се вклучи во системот во секој момент, за краткотрајно зголемување на снагата на блоковите во одредени куси периоди во текот на производниот процес. Постројката работи на мазут, и во првите моменти од пуштачките операции има зголемено испуштање на чад и издувни гасови. По извршеното кусо тестирање, стартната котлара е повторно исклучена.- АД ЕСМ

Од АД ЕСМ велат и дека се вложуваат максимално напори за работење по сите стандарди, во услови кога производството на електрична енергија од јаглен и мазут во услови на енергетска криза е неизбежно. Велат граѓаните да бидат спокојни во однос на посветеноста на компанијата да ги одржува електраните и да вложува во обновливи извори,заштита на околината и намаување на загадвањето.

Кривичното дело Екоцид е дел од новиот Кривчен законик кој се очеква да е готов до крајот на годинава и доставен до Владата.


1026