ПРОДОЛЖУВААТ ИНФРАСТРУКТУРНИТЕ ГРАДЕЖНИ АКТИВНОСТИ ВО БИТОЛА

Согласно програмата која ја претставивме пред граѓаните на општина Битола, во општината активно се работи на реализација на голем број инфраструктурни проекти, а она што е многу значајно за овој период на енергетска криза, е и тоа дека работиме на проекти кои ќе ја подобрат енергетска ефикасност на општинските објекти.
За оваа година, за капитални инвестиции предвидовме над 400.000.000 денари, од кои до овој момент реализирани и исплатени се над 240.000.000 денари.
Ова значи дека, со овие средства реконструираме улици, ја подобруваме водоводната, канализационата мрежа и комплетно патната инфраструктура во урбаниот и руралниот дел на општината, како и состојбата на други објекти кои се важни за секојдневно непречено функционирање, но и претставуваат можност за привлекување на нови инвестиции и секако промоција на Битола, како од економски, така и од културен и туристички аспект.
Самиот факт што од предвидените 23 улици за оваа градежна сезона, 13 се комплетно завршени, а во тек се инфраструктурни активности на 8 улици и 2 се подготвуваат за отпочнување, потврдува дека како локална самоуправа, посветуваме посебно внимание на овој горлив проблем на Битола, дотолку повеќе што во општината има улици кои не биле реконструирани, откако се направени.
Паралелно, работиме проектна документација за околу 30 улици кои ќе се реконструираат идната година, за кои дел од проектите се во тендерска постапка за изработување на проектна документација, a за дел се работат одобренија.
Преку соодветно менаџирање, имплементираме решнија на проблемот со високата цена на електричната енергија, а што е најважно таквиот начин на работа, значи заштеда на финансиски средства за подобрување на условите за граѓаните во општина Битола.
Веќе работиме на 3 проекти кои се однесуваат на реконструкција и подобрување на енергетската ефикасност на 3 објекти на основното училиште Даме Груев, а откако извршивме мапирање на состојбата на сите училишта и детски градинки, веќе се пристапува кон подготовка за поставување на фотоволтаици на образовните институции, каде што условите се соодветни.
Во делот на образованието, за првпат, воведуваме стимулација за талентираните ученици, но и финансиска поддршка за првооделенците.
Од капиталните проекти, во тек е конкурс за избор на идејно решение за модерен спортско рекреативен центар, а во постапка е и изготвување на проект за изградба на нова противпожарна зграда.
Работиме и на други проекти кои се однесуваат на хортикултурно уредување и економски напредок на градот, но и решавање на проблеми кои со години не биле воопшто третирани. (проект за стационар и бездомни животни)




