Пешевски: Веспрем не е било кој, овој меч нека ни биде лекција

Новото засилување на Еурофарм Пелистер, кружниот напаѓач Жарко Пешевски, по натпреварот против Веспрем и поразот (41-27) во полуфиналето ги сумира впечатоците и кажа дека од овој висок неуспех мора да се извлече поука.
„Едноставно, Веспрем беше со трезна глава, без некаков притисок. Исто бевме и ние без притисок, но лошиот почеток го одлучи победникот. Мора да учиме од грешките, како што кажа и Валтер, ова треба да ни биде лекција. Не загубивме од било кого, туку од Веспрем, еден од најдобрите клубови во Европа“, изјави Пешевски.
Битолчани во првото учество на Ф4-турнирот во СЕХА-лигата ќе играат за третото место, а противник ќе им биде хрватски Нексе Нашице кој во полуфиналето потклекна во пресметката со ППД Загреб.
