April 25, 2024
Ескобар: Едностраните потези ќе имаат последици

Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан Габриел Ескобар денеска изјави дека САД е целосно јасна во својот став дека не може да има еднострани потези и дека таквите потези ќе имаат последици, јави дописникот на МИА од Белград.

Ескобар ова го искоментира во врска со одлуката на Приштина да го одложи спроведувањето на Централната Банка на Косово за забрана за употребата и оптек на динари на Косово и посочи дека за овие прашања треба да се комуницира со рокови кои не го засегаат населението.

-Подготвени сме да помогнеме во решавањето на проблемот, но и Белград и Приштина мора да се вратат на дијалогот и да ги почитуваат постоечките договори, рече Ескобар на приемот во Вашингтон по повод Денот на српската државност.

Според него, многу од овие прашања може да се решат со формирањето на Заедница на српски општини (ЗСО).

На прашањето дали адресата за помош на Србите на Косово е во Брисел или во Вашингтон, тој нагласи дека САД целосно го поддржуваат дијалогот под покровителство на ЕУ и вложуваат максимални напори тој да продолжи, како и дека дијалогот е единствениот канал за решавање на „билатералните прашања“.

-Нашата техничка поддршка, нашата економска поддршка и нашето политичко влијание го придружуваат дијалогот, бидејќи на крајот на денот, нашата најголема аспирација е Косово и Србија да влезат во Европската унија. И, во меѓувреме, да развиваат мирни, продуктивни и ефикасни билатерални односи, рече Ескобар. 


1072