Во Битола одбележани 82 години од формирањето на Првата Егејска Македонска Ударна Бригада
Во Битола денеска беа одбележани 82 години од формирањето на Првата Егејска Македонска Ударна Бригада. Одбележувањето на овој значаен историски датум беше во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „МАКЕДОН“ и Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола.
Настанот се одржа пред објектот на Пожарната во Битола, на местото каде што на 18 ноември 1944 година била формирана бригадата, а настанот е одбележан и со спомен-плоча поставена на чешмата во непосредна близина на Пожарната.
На присутните им се обрати Александар Јаневски, претседател на Сојузот на здруженијата „МАКЕДОН“, кој во своето обраќање потсети на историското значење на формирањето на бригадата, страдањата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и потребата од зачувување на историската меморија и остварување на правата на прогонетите Македонци и нивните потомци. Свое обраќање имаше и професорот по историја Александар Јаневски, кој се осврна на историските моменти поврзани со формирањето и значењето на бригадата.
На почетокот на своето обраќање, претседателот на „МАКЕДОН“ оддаде почит на борците од Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија во Втората светска војна, со порака за вечна слава на загинатите за слободата и обединувањето на Македонија. Притоа, ги поздрави и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојковски.
Јаневски потсети дека на 18 ноември 1944 година, од Леринско-костурската народноослободителна бригада, Воденскиот македонски баталјон и дел од бригадата „Гоце Делчев“ била формирана Првата народноослободителна ударна бригада од Егејскиот дел на Македонија, која влегла во составот на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија.
Формирањето на бригадата беше истакнато како значаен настан во поновата македонска историја. Нејзините борци учествувале во борбите против балистичките формации во Западна Македонија и против соработниците на италијанските, бугарските и германските окупаторски сили.
Посебен дел од обраќањето беше посветен на настаните по завршувањето на Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година. Јаневски говореше за страдањата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, за прогонството на македонското население и за трагичната судбина на децата бегалци, кои биле принудени да ги напуштат своите домови.
Беше нагласено дека таканареченото егејско прашање не се однесува само на насилно прогонетите деца во 1948 година, туку и на Македонците кои ги напуштиле своите огништа во периодот на Балканските војни (1912–1913), Првата светска војна (1914–1918) и Втората светска војна (1939–1945).
Во обраќањето беше истакната посветеноста на трајно решавање на македонското прашање и унапредување на положбата и правата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија и во цела Грција. Меѓу барањата беа наведени враќањето на државјанските, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци и нивните потомци, како и извинување и репарации за сторените неправди.
Говорникот се осврна и на актуелните политички и историски прашања, упатувајќи барања за еднострано раскинување на Договорот Заев–Борисов од 1 август 2017 година и Спогодбата Димитров–Коѕијас од 17 јуни 2018 година. Воедно, побара распуштање на македонско-бугарската и македонско-грчката меѓувладина комисија за историски и образовни прашања, како и продолжување на членството во Обединетите нации под државното име Македонија.
Во продолжение беше упатено барање до Уставниот суд да се произнесе за Протоколот Османи–Генчовска од 17 јули 2022 година, кој, според ставовите изнесени во говорот, содржи прашања поврзани со образованието, историјата и идентитетот на македонскиот народ. Истовремено, Јаневски изрази поддршка за реформите во општеството и развојот на државата.
На крајот од обраќањето беше упатена порака дека херојската борба на генерациите пред нас – ајдутите, комитите и партизаните – треба да остане патоказ за љубовта кон татковината, почитта кон жртвите и стремежот кон слободата и обединувањето на Македонија.
„Простуваме, ама не забораваме. Бараме извинување и репарации!“, порача Александар Јаневски, претседател на „МАКЕДОН“, од местото каде што пред 82 години била формирана Првата Егејска Македонска Ударна Бригада.















