April 19, 2024

ТАРТАН ПАТЕКА ЗА БИТОЛЧАНИ ЗАЛОЖБА НА ОПШТИНА БИТОЛА И АТЛЕТСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Атлетичарите од Атлетскиот клуб „Олимп“ од Битола, со силна лична волја и поддршка од тренерот Демир Даутовски и покрај тоа што немаат идеални услови за тренинзи, како многу други клубови, од самиот почеток на новата сезона, бележат одлични резултати.

Успешното отворање на сезоната го започнаа кон крајот на април на Националното првенство во планинско трчање каде настапија учесници од повеќето македонски атлетски клубови, а битолските атлетичари беа на пиедесталот. Успесите продолжија да се нижат на Националното првенство за средни училишта кое се одржа во Куманово, каде битолчани понесоа три медали. На Митингот, “Светски ден на атлетиката”, на 14 Мај на Градскиот стадион во Скопје, Атлетскиот клуб „Олимп“ од Битола се претстави со шест натпреварувачи, освојувајќи четири медали.

Претседателот на клубот, Никола Димитровски на средбата со Градоначалникот Тони Коњановски, ги претстави постигнатите резултати на битолските атлетичари, кои во овој период се покажаа како атлетски машини за медали и места во горниот дел од табелата.

На средбата на која присуствуваше и претседателката на Атлетската федерација, Александра Војнеска Зикова, беше заеднички констатирано дека постигнатите успеси, јасно говорат за потенцијалот кој го има Битола за развој на оваа дисциплина, поради што е многу важно да се овозможат соодветни услови. Градоначалникот Коњановски, веднаш изврши консултација со стручните служби од секторот за урбанистичко планирање, со цел разгледување на можностите за изградба на тартан патека во Битола. Овој проект е во насока на реализација на еден од главните приоритети на градоначалникот Коњановски, кој се однесува на создавањето соодветни услови за развој на спортот во Битола и поддршка на спортскиот и натпреварувачки дух, кај младите луѓе и спортистите.

Идејата, Битола да добие тартан патека, претходно беше иницирана од страна на Димитровски и Зикова, за време на нивната средба со раководството на претходната локална самоуправа и истата беше поддржана како реална потреба на Битола, што дополнително беше потврдено и со минатогодишното одржување на  Балканското Атлетско првенство во склоп на градската атлетска трка „Трчај бе“ во Битола, на кое учествуваа 10  држави членки на Балканската федерација.


1025