Битола втора меѓу 81 општина во Македонија според Индексот на отворени општини
Општина Битола освои 72 од можните 100 поени и се најде на второто место во Македонија според Индексот на отворени општини за 2025 година, изработен од Здружението за истражување и анализи „ЗМАИ“. Во споредба со претходната година, Битола бележи напредок од пет позиции.
Индексот на отворени општини ја оценува транспарентноста на локалните самоуправи во управувањето со јавните финансии, објавувањето на буџетските информации, отчетноста за трошењето на јавните средства, како и вклученоста на граѓаните, особено на маргинализираните групи, во процесите на одлучување.
Анализата за 2025 година опфаќа 81 општина и четири клучни области: транспарентност, отчетност, вклученост и правичност, како и антикорупција. Просечниот резултат на општините изнесува 38,4 поени.
Битола остварила особено добри резултати во три од четирите оценувани области. За транспарентност добила 73 поени, за отчетност 74, додека во областа вклученост и правичност освоила 80 поени. Во делот на антикорупцијата резултатот изнесува 60 поени.
Овие показатели ја оценуваат отвореноста на буџетскиот процес, достапноста на информациите за работата на локалната власт, можностите за учество на граѓаните во донесувањето одлуки, како и механизмите за спречување корупција и зајакнување на институционалниот интегритет.
Второто место на националното рангирање и напредокот од пет позиции во однос на претходната година претставуваат позитивен показател за работењето на Општина Битола во областа на транспарентноста и отчетноста пред граѓаните.