December 3, 2022

Уставен суд ќе одлучува за „работа во недела”

Уставниот суд утре на седница ќе расправа за рефератот што е подготвен по претходно поднесена иницијатива од страна на Стопанската комора на Северна Македонија, а се однесува на оспорениот Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, којшто во својата содржина опфаќа „работа во недела”.

-Во иницијативата се наведува дека ден на неделен одмор може да биде било кој друг ден во неделата, дека е утврден и додаток на плата за работа во недела во износ од најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа и од тие причини е дозволена нееднаквост на граѓаните пред законите. Во иницијативта се содржани наводи дека со ова законско решение работодавачите од економските дејности на кои им се забранува работа во недела (неметалните минерални производи) и имаат еднаква правна положба од аспект да ги намируваат данокот и другите јавни давачки кон државата кои се утврдени со закон се ставени во нееднаква правна положба со работодавачите од економските дејности на кои им е дозволено да работат во недела, од аспект да остваруваат приходи и добивка, информираат од Судот.

Подносителот на иницијативата смета дека е нарушено начелото на владеење на правото и дека оспорениот закон е во спротивност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 9 став 2 од Уставот.

На дневен ред на утрешната седница седницата се и оспорениот член 5, 18 и 19 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи и оспорениот член 25 став 1 точка 11 од Законот за управни спорови.

Според подносителот на иницијативата на членот од Законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи со оспорените одредби сите полнолетни, здравствено и психо-физички способни граѓани со завршено средно образование, нема да можат да се вработат во МВР доколку се членови на политичка партија, а веќе вработените лица би можеле да трпат штетни последици (парична казна, распоредување на пониско работно место, па дури и прекин на работниот однос) доколку се утврди дека се членови на политичка партија.

Во иницијативата е наведено дека оспорените одредби ги ставаат овие лица во нееднаква, подредена, директна и индирекна дискриминаторска улога и дополнително со конкретните одредби не е прецизирано на кој начин ќе се утврдува дали некое лице е член на политичка партија.

Во иницијативата поднесена на член на Законот за управни спорови подносителот наведува дека со оспорената одредба на граѓаните им се оневозможува непречено и безусловно да ги користат правата кои се гарантирани со членот 9 од Уставот, односно граѓанинот кој нема средства, нема приходи или во одреден момент има потешкотии да врши плаќање има блокирана сметка, не е еднаков со граѓанинот кој има средства и приходи при поведување на управен спор, притоа на таков начин тој граѓанин губи одредени права и интереси што му се повредени со некој неповолен поединечен акт на органите на државната власт и претрпува соодветна ненадоместлива штета.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *