December 5, 2022

ПРОЕКТИТЕ ЗА ПОЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА ВО БИТОЛА – ТЕМА НА СОСТАНОКОТ СО ПРЕТСТАВНИЦИ НА ГЕНЕРАЛНИОТ ДИРЕКТОРАТ ЗА ПРОШИРУВАЊЕ И СОСЕДСКА ПОЛИТИКА НА ЕУ

Како дел од работната посета во Брисел, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и секретарот Борче Димитровски, попладнево имаа состанок со претставници на Генералниот директорат за проширување и соседска политика на ЕУ (DG NEAR), кој управува со најголемиот дел од финансиската и техничката помош на Унијата за соседството и земјите од проширувањето.

На средбата со Симона Гати, која работи во оваа единица на генералниот директорат, а е задолжена за програмата за соработка со Република Албанија, се разговараше на повеќе теми, при што беа акцентирани и повеќе тековни проекти, меѓу кои и изградбата на пречистителната станица, како и проектот „EU for Clean Air“, кој треба наскоро да почне со реализација, а Битола е дел од општините вклучени во овој проект, насочен кон подобрување на квалитетот на воздухот. Исто така, беа разгледани и можностите за аплицирање на Битола, како општина која ги исполнува условите и критериумите за поддршка на проекти од програмата „Јust transition“. Механизмот за праведна транзиција е финансиска алатка која обезбедува приспособена поддршка за најранливите и најинтензивните региони на јаглен во транзицијата кон позелена економија. Овој механизам, во периодот 2021-2027 година, ќе мобилизира најмалку 150 милијарди евра инвестиции за ублажување на социо-економското влијание. Механизмот се состои од три столба: Фонд за праведна транзиција од 40 милијарди евра за првенствено обезбедување грантови, посветена шема во рамките на InvestEU за вметнување во приватни инвестиции; заем за јавниот сектор со Групацијата ЕИБ за да се мобилизираат дополнителни инвестиции и да се поттикне јавното финансирање.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *