March 26, 2023

„Врвиците на зборот“ најновата книга на Вера Стојчевска Антиќ

Четири месеци по излегувањето од печат на најновото остварување на Вера Стојчевска Антиќ, книгата „Врвиците на зборот“ имаше своја промоција во Битола.

Салата од киното „Манаки“ беше исполнета со почитувачи на творештвото на авторката, родена битолчанка која иако животот ја одвел надвор од родниот град постојано е присутна во работата на Универзитетот, Библиотеката, Македонското научно друштво, а неретко ќе ја сретнете низ градот како зборува со своите бројни пријатели од сите генерации. „Јазикот е идентитет , а денес како и векови претходно, исправени сме да ја докажуваме својата автентичност како народ преку нагласување на разликите кои ги имаме со другите култури и општества во ова навидум цивилизирано време. За да бидеме успешни во тоа ние мора комплетно да го осознаеме и потоа промовираме творештвото на македонските автори“ – рече Ангелка Диневска, претседател на Унија на жени од ВМРО-ДПМНЕ, која во оваа прилика ја имаше улогата на организатор на промоцијата.

„Еднаш отиде во Америка како Фулбрајтов стипендист и веднаш ја основа Американската славистичка асоцијација“ –рече Пеце Милевски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, поттикнувајќи ги разговорите кон животните приказни кои авторката ги подели со присутните. Таа раскажа дека во времето на паѓањето на берлинскиот ѕид и распадот на Југославија била во Вашингтон и на заедничкиот состанок на стипендистите со Комитетот на фондацијата Фулбрајт согледале дека има бројни заеднички научни конференции со скоро сите републики од тогашната држава, а ниту една со Македонија. Оттогаш досега на универзитетите во најголемите градови во САД кадешто има бројни македонски иселеници се формирани славистички центри и македонски катедри, а на секои три години се одржува македонско-американска научна конференција. Љубовта кон јазикот и желбата за истражување ја довеле Стојчевска-Антиќ до тесна соработка со Блаже Конески. „Тој го направи преводот на ракописите од дисертацијата, само тој можеше тоа да го направи “ раскажуваше синоќа Вера Стојчевска-Антиќ.

„Врвиците на зборот“ историографски, факторафски и лесно раскажувачки ги претставува развојните патишта на проф. Стојчевска Антиќ, беше кажано од проф. Катерина Петровска-Кузмановска од Центар за фолклор „Марко Цепенков“, рецензент на оваа книга којашто во едниот дел има автобиографски изразувања, а вториот дел е посветен на важноста на јазикот и сите кои со својата работа придонесуваат за докажување на јазичниот контитет на македонскиот јазик и писмо.

Книгата засега може да се најде во битолската Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.