Пратениците од Изборна Единица 5 денеска на плоштадот Магнолија, се среќаваа со граѓани, поучуваа за Собранието

Четири пратенички од 20 избрани од петтата изборна единица денеска во Битола, на плоштадот Магнолија остваруваа непосредна средба со граѓаните кои на праламентарните избори во 2020 година им доверија да ги застапуваат интересите на Преспанско-Пелагонискиот регион, попрецизно на југозападниот регион од државата. Бети Рабаџиевска Наумовска, Марија Кочовска, Олга Лозановска и Силвана Ангелевска. Тие се одзваа на проектот „Собрание за граѓаните“ како дел од „Програмата за парламентарна поддршка“ инциран и во реализација на Националниот демократски институт ( НДИ), Центарот за управување со промени(ЦУП) и Институтот за демократија „Социетас Цивилис-Скопје“, а со институционално партнерство од Швајцарското федерално собрание, Европскиот парламент, естонскиот „Риигигогу“, германскиот Бундестаг и граѓанската организација со седиште во Латвија, „МанаБалсс.лв“. Посетата на пратеничките е дел од активностите на оваа програма- мобилен парламентарен караван.

„Се работи за еден многу интересен настан во рамки на еден проект кој трае 10 години. Во рамките на тој проект ќе бидат посетени неколку поголеми градови од Република Македонија, денес еве случајно или не , посетата се совпадна со 4 Ноември – празникот на градот.“- рече Д-р Силвана Ангелевска од ВМРО-ДПМНЕ, од Битола.

„Чест е и вистинско задоволство што сум дел од овој настан во Битола, насловен мобилен парламентарен караван, Собрание за граѓаните , се одвива во 13 градови и ете денес сме тука во Битола заедно со граѓаните – ни рече Марија Кочовска , пратеник од СДСМ, родум од Демир Хисар.

„Идејата е да се доближиме до граѓаните , да размениме непосредни и директни контакти со граѓаните, средби за тие да ни кажат нивни мислења, сугестии по однос на функционирањето на Парламентот и да согледаме колку тие се информирани за надлежностите на Парламентот, со што ние се соочуваме, што е во наша моќ да одлучуваме“ – рече пратеничката Бети Рабаџиевска Наумовска од СДСМ, од Ресен.

„Ја поздравувам иницијативата, овој проект. Навистина е добро и на ваков начин да се сретнеме со граѓаните, неколку години по изборите, иако ние се среќаваме и во канцелариите на пратениците, ама често обврските не дозволуваат “- вели Д-р Олга Лозановска, пратеник од ВРМРО-ДМНЕ од Битола.

Битолчани , некои повеќе изненадени, некои помалку, застануваа , се информираа и разговараа со пратеничките. Земаа и од богатиот печатен материјал подготвен од организаторот, со прецизни наводи за улогата на македонскиот парламент во креирањето на политиките во државата. Заедно со пратеничките ги гледаа цртежите и барањата на ученици од две основни училишта во градот. Некои се изненадија од детската реакција.



„Денес ми беше особена чест како пратеник да имам средба со најмладите, учениците во ОУ Кирил и Методиј и ОУ Стив Наумов. Нивните прашања околу иднината на нашата држава, нашите планови како партија, навистина ме изненадија пријатно. Нивната грижа за хигиената, кучињата скитници, желба да имаат спортска сала….Браво за нашите млади луѓе-изјави пратеникот Олга Лозановска.

„Сега имав можност да се сретнам со дечињата од 4-то одделение од училиштето „Стив Наумов“ и тие имаат желби и побарувања од локален карактер . За базен да имаат отворен во Битола, за да имаат реконструкција на спортската сала , навистиа интересни сугестии од најмалите. Како треба да функционираме и ние како избраници на народот меѓутоа важно е и за локалната власт, за градоначалникот. “-рече пратеничката Бети Рабаџиева Наумовска.

Проектот има за цел поддршка на стратешкото планирање на Собранието; реформите на системот за управување со човечки ресурси; подобрување на проценката на влијание на регулативата и процесите за јавни набавки; заложбите за отворени податоци и преку мерење на јавното мислење и мониторирање на реформските напори, вклучително и поголемо учество на јавноста во процесите на креирање политики-стои во информацијата на Центарот за управување со политики. Јавност мора да има во тоа.
Марија Кочовска вели „Значи, граѓаните, здруженијата, институциите , сите имаат различни потреби и сакаат да се информират и да стигнат до нас се со цел да најдеме соодветни решенија за одредени потреби, проблеми, размислувања кои тие ги имаат. Граѓаните имаат можност преку нас пратениците како овластени претставници да поднесуваат измена и дополна на некој закон.Тоа се прави преку иницијатива во зависност од потребата , можноста и законитоста . Нивната иницијатива понатаму може да се преточи да влезе во собраниска постапка. Имаме многубројни примери со кои се докажува дека сите тие иницијативи се применливи. “
Силвана Ангелевска сепак понуди друга димезија „ И во неформални средби, а и сега на овој настан приоѓаат граѓаните и даваат иницијативи за решавање на проблеми со кои се соочуваат секојдневно. За жал, нам како на опозиција ни се одбиваат сите предложени решенија, ги одбива власта, тоа е реалноста дури и кога ја предлагаме идејата и се повлекуваме од формалното назначување како предлагачи а во интерес на граѓаните. За жал така се поставени односите во политичките кругови што тешко дека некој предлог од опозиција може да го види светлото на денот.“
Оваа Програма за поддршка на Парламентот има неколку очекувани резултати: Институционалниот систем за проверка и рамнотежа (checks and balances) е зајакнат, Работата на Собранието е поефикасна, Собранието спроведува политичка контрола и надзор над Владата и другите јавни служби,Собранието донесува квалитетни закони засновани на добри аналитички информации според предвидлив собраниски календар, Собранието има подобрени акти за вклучување на граѓаните, Собранието активно ги вклучува и комуницира со граѓаните/маргинализираните групи и граѓанските организации.
Граѓаните имаат само еден очекуван резултат – подобар живот, во Држава.
Во текстот се користени и фотографии од официјалната ФБ страница https://www.facebook.com/programazaparlamentarnapoddrska
