December 5, 2022

БИТКАТА ЗА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНШТИНАТА ЗАБЕЛЕЖА ГОЛЕМА ПОБЕДА

                                            (ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ – 188)

1. Битката за Македонија, т.е. за нејзиниот опстанок и за македонштината, забележа деновиве голема победа. Имено, на средбата со лидерите на парламентарните партии што ја закажа деновиве Димитар Ковачевски – лице донесено на функцијата премиер, а не е избран од народот, за уставните промени од коишто зависи почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ (но под услов да бидат внесени бугарите во преамбулата на уставот како “конститутивен народ”), на мое големо задоволство, и на задоволство на многу други како што размислуваат како мене, едноставно не помина!!! Имено, не беше постигнат консензус меѓу лидерите на парламентарните партии присутни на средбата за отворање на Уставот што секако охрабрува и е потврда за високото ниво на свест за националните интереси на земјата и одлучно НЕ за почеток на преговори за членство во ЕУ по секоја цена под условите што ни ги диктираат од Брисел.

   Да се разбереме: од првиот ден од прогласувањето на осамосатојувањето на Македонија со Референдумот за осамостојување во далечната 1991 година, македонските граѓани многу јасно ги искажаа своите определби дека својата иднина ја гледаат како членки во Европската Унија и НАТО и за остварување на таа цел работеа сите влади во изминативе триесетина години независност. За жал, од Брисел не добивме адекватна валоризација на нашите напори, па и жртви, заради антимакедонското расположение во Унијата штпо гп наметнаа некои членки, во прв план наши соседи, и нивни спонзори меѓу земјите основачи на тој ексклузивен клуб.

   Врв на  бескрупулозноста на Унијата кон нас секако е преговарачката рамка што ја усвоија членките, а која во суштина е таканаречениот француски предлог во којшто се содржани бугарските антимакедонски, шовинистички ставови. Врв на политичката ароганција на ЕУ кон нас секако е условувањето на почетокот на преговорите со вметнување на бугарите во преамбилата на нашиот Устав како – замислите: конститутивен народ!? Просто да се крстиш и да не веруваш!

   Цврсто верувам дека зад оваа подметачина во преговарачката рамка стои диктатот на Франција која во изминативе триесетина години се покажа и докажа во измеќарска улога на заштитник и промотор на антимакедонските интереси на Грција и Бугарија. Во тоа немам никаков сомеж!

   За разлика од Грција, која мудро (византиски) молчи по капитулантскиот договор од Нивице и лицемерно повремено дава небаре позитивни сигнали за подршка, но конкретно  н и ш т о  не исполни од обврските што ги превзеде со тој договор, бугарите заподенаа невидена, па би рекол дури хистерична кампања за докажување на некаква “бугарштина” во Македонија со отворање на клубови на докажани фашисти и крволоци на македонскиот народ и лепеза на други антимакедонски дејанија дури и кај нас дома, во Македонија, за што не жалат ни труд ни пари, а на рака им одат и домашните квислинзи.

   Власта тврди дека меѓу политичките партии ниту една не била против вметнување на бугарите во преамбулата на Уставот, освен Демократскиот сојуз на Павле Трајанов со инсистирањето на реципроцитет, т.е. вметнување на македонците во Бугарскиот устав, А претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека би прифатил вметнување на бугарите во нашиот Устав, но бара гаранции (!?) дека тоа ке биде последно барање од Бугарија. Христијан, синко, зарем не сваќаш дека такво нешто е невозможно!!! Па кој би дал такви гаранции??? Кој? Бугарија и Грција можат над 70 пати да постават вето во текот на преговорите, а не заборавај дека членка во ЕУ е и Кипар, како втора грчка држава, контроверзната Франција, а можеби ќе се најде уште некоја членка да не блокира за атер на овие што ги споменав!?

   Од друга страна, да не забораваме дека со ЕУ денес раководи една констелација на луѓе, а во текот на преговорите (ако воопшто некогаш почнат и ќе траат во недоглед) ќе се сменат којзнае уште колку состави политичари во ЕУ со свои погледи и ставови – полоши или (да се надеваме) поповолни за нас и заради геостратегиските процеси и промени во Европа и глобално.

   Но, за евентуална промена на расположението во ЕУ во наш прилог мораме и сами да работиме и да се погрижиме! На Бујар Османи и Бојан Маричиќ не сметам, но би било добро асови од македонската политика,  па и странци кој ја подржуваат Македонија да се растрчаат по Европа и д а лобираат за нашите интересии. Во прв план меѓу членките на Вишеград групата, поранешните Ју-републики членки на ЕУ, како и некои други членки кои израруваат подршка кон нас . Едно да ни е јасно- никој на послужавник нема да ни ги донесе промените доколку  с а м и т е  не се погрижиме за тоа. Но со оваа груцација на опортунисти на власт, немам големи надежи!!!

   Да резимирам: категорички сум  п р о т и в  прифаќањето на преговарачката рамка и отворање на Уставот за вметнување на бугарите како конститутивен народ (се ежам од самата помисла за такво нешто) што брутално и дури насилно ни ја наметнаа од Брисел и која “ексклузивно” е стокмена за нас, што нема врска ни со критериуми ни вредности за прием во членство во ЕУ на било која од новите членки или аспиранти за членство.

   Да учиме од историјата:  контроверзната Лисабонска декларација што ја наметна Франција на самитот во јули 1992 година во Португалија (дека не може да смета на членство земја што во називот ја содржи именката Македонија), но на следниот самит во декември истата година во Единбург тој став беше ревидиран!!!

   Сепак верувам дека во ЕУ има нормални луѓе кои се свесни за накарадноста на преговарачката рамка што ни ја наметнаа и дека таа ке биде корегирана! Впрочем, и меѓународните состојби на континентот и глобално изискуваат стабилизација во регионов, а не дестабилизација (за што придонесува политиката на ЕУ) нови жаришта покрај сешашниот конфликт во Украина, тензите околу Тајван и помеѓу Северна и Јужна Кореа кои се на работ на војна…

   Дури и милитантите во Вашингтон, околу Бајден, очигледно ретерираат од својата агресивна политика! Шефот на ЦИА отпатува на расговори во Москва; САД сериозно размислува да се ослободат од Володимир Зеленски и јасно е дека работите одат кон постепено смалување на тензиите. Економските проблеми со недостаток на енергенси, астрономски пораст на цените на храна и услуги неминовно ќе го изнесам народот на улиците (тоа веќе и се случува во Чешка, Италија, Oбединетото Kралство, САД…), на што политичарите ќе бидат приморани наместо санкции и наводна висока политика, да бараат решенија за проблемите на своите граѓани.

М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор

Ставовите искажани во рубриката Колумнa се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на pelanet.mk. Редакцијата на pelanet.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *