600 премиери / 12.000 претстави / 5 милиони публика – 78 години битолски театар
НТБ , БНТ или само обично Битолскиот театар годинава прославува 78 години постоење. Традиционално актерите на публиката и ја нудат својата ведра страна и роденденски од сцената повикуваат на забава. Годинава перформансот наречен „За нашиот театар“ донесе на сцената дел од ансамблот, а беше посветен и на нивните членови кои се пензионираат.


Во фоајето долу – македонските шлагери од DJ Ciko ја пречекаа многубројната публика за која влезот беше бесплатен. Во фоајето горе – ги пречека изложба на 20 портрети на театарски работници од Македонија создадени од уметникот Кирил Геговски. „ Поставени се цртежи настанати од крајот на 80те до крајот на 90те години од минатиот век направени на македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински. “ – рече директорот Иван Јерчиќ.

„Од мноштвото цртежи коишто уметникот Кирил Геговски ги има направено овие дваесет се на некој начин поврзани со нашиот театар и со луѓето коишто се или битолчани или работеле во Битола во изминатите повеќе од седум децении на нашиот театар “. – објасна Јерчиќ отворајќи ја изложбата. Од име на уметникот се заблагодари Марија Белакаповска, која се заблагодари и на подадената рака и отворената врата за соработка со битолскиот театар.

Од сцена, Илина Чоревска, уметнички директор на театарот понуди неколку бројки: „Од 1945година до денес – преку 600 премиери, одиграни преку 12.000 претстави од неколку генерации актери и , го посетиле над 5 милиони гледачи“. ( исто така од неколку генерации н.з) . „Во последите 4 години, повеќе од 25 награди на македонските и балкански театарски фестивали, во последните две – 4Ноемвриски награди за членови на театарот, во 2021 за Актерот Петар Мирчевски, а годинава за костимографот Благој Мицевски. Лани на најстариот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ Борис Чоревски ја освои најпрестижната македонска актерска награда за животно дело.

На сцената актерите играа, пееја, говореа. Се шегуваа на сопствена сметка, понудија и неколку анегдоти од нивниот „живот на сцена“ . Соња Михајлова од факултетот за стоматологија, благодарение на информација од Пивцето за аудиција на Драмскиот факултет, наместо забар станала актер. И двајцата годинава официјално се пензионираа. „Театарот беше југословенски бренд со 9 премиери и 250 одиграни претстави годишно“, се потсети Михајлова.

Одбележувањето на роденденот го овозможи Општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски, рече Чоревска.

Театарот пак ги натера собраните луѓе да научат за актерите, да потврдат за претставите, да се замислат на кажаното, да се изнасмеат на изиграното, да се сеќаваат на актерите и да заплачат за силната љубов. Оти тоа театарот го прави.

