Кромберг и Шуберт – Битола, вистинскиот game changer во Пелагонија

Овој викенд најголемиот работодавач во пелагонискиот регион Кромберг и Шуберт во кристалната сала на Офицерски во Битола одржа отворен ден.
Уште во тек на нивната подготовка, кога го проследивме настанот, беше јасно дека ќе има многу посетители.
„Денес присуствувате на „Отворен ден со Кромберг и Шуберт и Боеми“ за промовирање на нови работни места , отворање на работни позиции во компанијата и можност за професионален развој на сите кои се заинтересирани“- ни рече Стевче Ристевски, одговорен за тренинг и развој на вработените.

А овој отворен ден беше од типот „отворени врати“. Заинтересираните можеа да дојдат во било кое време. На влезот веднаш добиваа најпрвин информативен леток и формулар за свое пријавување за работа. На летокот,информации, за просечната плата од 28.000ден, приватно здравствено осигурување, платените оброк и превоз до фабриката којашто се наоѓа во ИЗ Жабени, итн.


За практично запознавање заинтересираните во холот се сретнуваа со луѓето одговорни за луѓето – вработени од одделите за човечки ресурси и едукација кои одржуваа мини работилници . Го покажуваа целиот процес за изработка на најпотребното и најупотребуваното во автомобилската индустрија – каблите.


Имаше и „работилница“ за најмладите. Табли со различни херои на цртаните и детски филмови. За да го добиеш ликот во полно светло треба да ја следиш насоката со нежно, тенко кабелче.

Отворениот ден на „Кромберг и Шуберт“ понуди неформална средба со сите кои донесуваат одлуки во битолската фабрика за која придонесоа и групата Боеми.

Група повозрасни жени , очигледно добро иформирани, така по битолски ми кажаа: „Сее по закон работаат! (веројатно мислеа на законот за работни односи), и „Сее му плаќаат, се, се!“ ( веројатно мислеа на платениот минат труд и сите придонеси и бонуси). „Супер му е“ (веројатно мислеа на сите вработени).

Пеланет: Сметате дека на овој начин ќе го најдете идниот најдобар работник?
Со потврден одговор Стевче Ристевски од одделот за тренинг и развој на вработените одоговори „Досега сме организирале повеќе работни денови кои што се одржувале во самата фабрика , но сакавме да бидеме поблиску до граѓаните и да ја искористиме и реновираната установа (Офицерски н.з) за да може сите тие кои се заинтересирани да дојдат и да се информираат за условите коишто се нудат во нашата компанија, да се информираат за отворените работни места и сите тие кои се сметаат за компетентни кандидати да аплицираат.“

Отворениот ден траеше до доцна попладне, а карактеристичните виолетови балони се разлетаа наоколу, како и корисните информации што посетителите ги споделија со своите познати.
