April 19, 2024

Во РЕК Битола пристигнаа првите делови од новиот трансформатор за Блок 3

Првите делови од новиот трансформатор за Блок 3 на РЕК Битола пристигнаа во комбинатот. Како што беше најавено, првиот дел од долгата композицијата што го пренесува 240 тони тешкиот трансформатор, денес ја помина главната капија на РЕК Битола.
Новиот трансформатор за Блок 3 на РЕК Битола го изработи турската компанија Астор. АД ЕСМ за набавката одвои 6.431.000 евра. Ова е првпат во 40 години постоење на РЕК Битола да се набави ваква постројка.

Турската „Астор“ изработи 240 тони тешка машина


Транспортот на новиот трансформатор за Блок 3 на РЕК Битола е најголемиот и најтежок вонгабаритен транспорт кој воопшто некогаш бил организиран во земјава. Трансформаторот се пренесува со специјална композиција преку копно низ Турција, потоа бродски до солунското пристаниште и од таму повторно по копно до РЕК Битола. За сигурен и безбеден транспорт на трансформаторот преземени се специјални услови за движење, зајакнување на патната инфраструктура на одредени делови на трасата, посебна сообраќајна регулација и управување со мала брзина.

Влезот на РЕК Битола


Откако сите делови од трансформаторот ќе пристигнат во РЕК Битола, ќе бидат потребни 10-тина дена за негова монтажа и ставање во погон.

Извор: РЕК Битола


1029