Пелагониските градоначалници заеднички за проектите и проблемите и со централната власт

Вечерва во Битола , во организација на партијата ВМРО-ДПМНЕ се одржа регионална средба на градоначалниците и претседателите на советите од општините во Пелагонискиот регион.
„Средбата е во организација на комисијата за локална самоуправа , со ова започнуваме со активности за размена на искуства, знаење, размена на знаења околу новите законски процедури за одредени теми кои ги тангираат градоначалниците и општините односно локалната самоуправа.“- изјави за медиумите Марјан Ристески, поранешен градоначалник на Прилеп. Генерално средбата беше насловена „Креирање на буџетите за 2023 година“, со посебно внимание на планирањето за реализација на капиталните инвестиции и , справувањето со енергетската криза како еден од главните проблеми, посебно во Македонија.

„Видете, проблемот со струјата е наметнат. Знаеме дека е светска криза но таа е мутиплицирана во РМ пред се поради лошото менаџирање од страна на владата и мислам дека најпогодени од сето ова испаднаа општините и јавните претпријатија. И понатаму преку дејствувањето на ЗЕЛС и општините треба да се изнајде заеднички начин , дали ќе биде тоа одедено субвенционирање на огромните износи кои ги плакаат или ќе биде промена во законската регулатива и формирање на јавни претпријатија за енергетика со цел сите подобро да издржиме во оваа енергетска криза… а сето тоа да не биде на товар на граѓаните. “

Примерите за отежнување на работата на локалната самоуправа во последната година секогаш се по закон. Така на пример, според Законот за финансирање на локалната самоуправа од 2019г, утврдени беа ограничувања при планирањето на сопствените приходи. Сопствените приходи на основниот буџет на општината можеa да се планираат со пораст од најмногу 10%од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција. Toа, актуелната централна власт пред две години согледувајќи ја инертноста на сопствените градоначалници го промени најпрвин на 30%, а потоа на 50%, но со важност до крајот на 2021 година. Така се реализираше буџетската 2022 година за општините. Има и други промени.

„Приходите во Ресен не се како во другите општини, упеавме сериозно д се справиме со кризната година и добро да менаџираме со буџетските средства. За буџетската сметка знаете има некои нови критериуми на Министерството за финансии кадешто не ограничуваат со буџетскиот циркулар и слободно можам да кажам дека ние ниту можеме сами да го креираме буџетот по нашите желби и можности .“ – изјави градоначалникот Јован Тозиевски од Општина Ресен. Струјата за општинската зграда ја решија со поставување фотоволтаици, а се планира и на градинката и училиштето. Ваквото решение не е применливо за другите општини и бројните јавни комунални претпријатија, локални институции.

На средбата, во чија организација се вклучиле и Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт и Комисијата за енергетика и Комисијата за финансии при ВМРО-ДПМНЕ, се зборуваше и за сите можности за изнаоѓање на дополнителни можности за финансирање на проекти.
Извор фото : П.М
