Концерт на Калиопи во Велес
Македонската дива, поп-ѕвездата Калиопи Букле во саботата, 26 ноември 2022 одржа голем спектакуларен концерт на големата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот” во Велес на нивна покана, како и на нејзиниот поранешен сопруг актерот Васил Зафирчев, кој е и уметнички директор на велешкиот театар. Претходниот концерт во Македонија Калиопи го одржа пред седум години во Битола.
На саботниот концерт во Велес, Калиопи настапи со најголемите свои хитови: „На пат за Македонија”, „Обои ме”,„Црно и бело”,„Не плачи” , „Најмила” „Дали ме сакаш”. Таа концертот го заврши со една од најпознатите свои песни „Роѓени (Бато)”.
На концертот отпеа и своја преработка на познатата песна „Македонско девојче” а за првпат на концертот ја изведе песната „Тешко ми е тешко” и за сите изведби кои беа со многу емоции доби силни аплаузи и овации во преполната сала.
На концертот освен од Велес, публика имаше и од Скопје, Битола, Куманово, Охрид, Кичево, Крушево, како и гости од Србија, Бугарија, Албанија, Хрватска, Шведска, Англија, Австралија и други земји.