Коалицискиот партнер на СДСМ: Државата е високо криминализирана, во организираниот криминал се вклучени претставници од власта

Ние сме високо криминализирана држава во сите сегменти, вели коалицискиот партнер во владата на СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, во интервју во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.

Трајанов нагласи дека 7 институции се за откривање на тешки облици на корупција и криминал кои се под директива на владата на СДСМ, но не отвораат случаи за истрага на корупцијата.

-На октоподот му ги сечеме краците, но тој се шири многу повеќе. Тоа е генералната дијагноза дека сме високо криминализирана држава во целина, во сите сегменти има корупција и криминал. Ние немаме систем за борба против корупцијата, сите институции се високо партизирани и политизирани. Имаме 7 институции за откривање на тешки облици на криминал и корупција, и сите се под директна контрола на власта, но не отпочуваат истраги, многу ретко само ако добијат налог од власта, рече тој.

За изборот на Абази за државен јавен обвинител Трајанов рече дека тој е некомпетентен, за изборот на Дамева за претседател на Судскиот совет вели дека таа никогаш не била судијка и не работела во суд а ќе треба да разрешува и именува судии како и да води дисциплинска постапка против нив, нагласувајќи дека и правосудниот систем е партизиран од страна на владата во која и тој е коалициски партнер.

-Според сите стручни анализи не е компетентен и не може да се носи со таа позиција. Сега ставаме претседател на Судски совет кој нема ниту еден ден работено во суд, никогаш не била судија, а треба да поставува судии, да разрешува и да раководи со Судскиот совет, да води дисциплинска постапка. Тоа значи дека и тие институции се политизирани и партизирани до крај, смета Трајанов.

Според Трајанов, помошта од САД е добредојдена, но треба да се види дали навистина има волја за борба против корупцијата кај власта, бидејќи како што рече тој организираниот криминал го вршат тие што се на власт.

-Помошта е секогаш добредојдена, но дали ние ќе имаме вистинска борба против корупцијата зависи од политичките партии, пред се од тие што се на власт, бидејќи криминалот првенствено го вршат тие што се на власт. Знаете нема организиран криминал, ако не е вклучен претставник од власта, дециден е Трајанов.


1023