April 20, 2024

„Г р л о“, нова етнолошка изложба на Завод и Музеј,Битола

Битолскиот музеј првпат на јавноста и претставува дел од традиционалната женска облека којашто малку е познато дека постоела, се применувала, а по своето значење до денес има и уметничка , не само цивилизациска вредност.
Во Завод и Музеј отворена е изложбата „Грло-елемент од народната носија“. Автор е Наде Геневска Брачиќ, етнолог, кустос – советник, раководител на секторот за носии , ткаенини и текстил во етнолошкото одделение на оваа национална културна установа. Тоа е поводот за ова кусо интервју.


„На изложбата се презентирани 50 примероци на „грла“, кои се дел од збирката на носии, ткаенини и текстил . Изборот е направен од 150 примероци на „грла“ кои се чуваат во музејот прибирани од средината на 20 век, кои во најголем број се откупувани. Во различни предели во Македонија се употребуваат различни називи, но определбата за називот „Грло“ е бидејќи се употребува во Горно Битолските Села и Цапарско Поле кои потекнуваат од Битолскиот предел. “- вели Брачиќ во одговор на прашањето на ПелаНет зошто „грло“.
Што е „грло“?


„Грло“ претставува правоаголно парче платно, декорирано во централниот дел кое се врзува со две врвци околу вратот. Овој елемент прв пат се претставува поединечно, секогаш бил изложен како дел од носијата. Изложените примероци потекнуваат од крајот на 19 до средината на 20 век и ги опфаќаат пределите, Горно Битолски Села, Цапарско Поле, Битолско Поле, Битолско – Прилепско Поле, Мариово, Демирхисарско, Мијаци од Смилево и Ореше.“- вели етнологот Наде Геневска Брачиќ.
Колку време беше потребно за подготовка на оваа изложба?


„Изложбата претставува долготраен истражувачки процес во кој се следат општествено – историските, политичките и културните случувања, кои даваат одговор за потеклото и следењето на хронолошкиот развој на носијата, вклучително и на овој елемент. Самото осмислување на изложбата исто така е долготраен процес, во кој размислувате како на најсоодветен начин да ги претставите пред публиката, да го потенцирате нивното исклучително значење. Во изложбата истакнати се естетско декоративните елементи, ликовните композиции, орнаментиката како и основната функција на „грлото“ да го покрие отворениот дел на градите од кошулата. “
Претставените дела очигледно се многу внимателно избирани, затоа што веднаш се забележуваат различните везови, користени бои на конци и стил, единственоста на секое од претставените парчиња.
„Секој експонат претставува уникатен примерок во начинот на изработката, со примена на вез, употреба на мониста, рачно плетени тантели, согласно периодот во кој се изработувале. Од презентираните примероци може да се проследи длабокото духовно творештво и инвентивноста во создавањето на народната носија.“


Вообичаено изложбите од етнолошката збирка на Завод и Музеј имаат свои презентации и настани надвор од границите на државата. Каде планирате следно изложување на оваа поставка?
„ Во овој момент сеуште немаме утврдено каде би можела да се презентира изложбата, но доколку има заинтересираност сигурно ќе следуваат и гостувања.
Изложбата ќе биде отворена во наредните три месеци и ќе биде поврзана и со проектот „Моја инспирација“ , кој има за цел изложените примероци да бидат инспирација за создавање на нови дела, применување на вештините на везење, за кои ќе бидат организирани работилници. “- ни рече Наде Геневска Брачиќ.

Изложбата е реализирана со поддршка на Министерство за култура.


1047