ЈКП Водовод Битола во 2022 се соочи со сериозна криза, плаќа 40 милиони денари за струја а тешко ќе ја минува и 2023 година
Година полна со предизвици во која иако од јули изненадување беа сметките за струја, но и со предвидени т.н инвестициони трошоци од минатото, ЈКП Водовод Битола успеа да набави нови водоводни пумпи, да изработи Физибилити студија за поставување фотоволтаични панели на неколку објекти, да ја донесе новата управна зграда пред денешниот технички прием и што е најважно, на граѓаните секојдневно да им обезбеди питка, вода за пиење, санирајќи најмалку 1.100 дефекти на водоводната мрежа и , проектираа водоводна мрежа во должина од преку 7 илјади метри, односно 10 улици.

Сублимирано, изгледа едноставно, особено со позитивната енергија што владее во ова претпријатие кое се променува. Но нивното секојдневие е многу посложено, особено затоа што претпријатието и оваа година се движи кон сметководствена и книговодствена загуба за што не помага ниту максималното штедење.
Директорот на ЈКП Водовод Пеце Милевски на денешната годишна средба со медиумите изјави „2022 година за нас беше сериозен предизвик, бевме посветени на нашата секојдневна работа и на предизвиците со кои се соочувавме. Нашата работа е всушност огромен напор и ангажирање на сите капацитети со коишто располагаме за нормално водоснабдување на граѓаните со питка, вода за пиење. Мрежата со којашто располагаме секојдневно си бара свое одржување и нејзино тековно поправање. “


Енергетската криза беше шок за водоводните претпријатија, а здружението на јавни водоводни претпријатија по цела година притисок кон централната власт доби мало олеснување во вид на субвенција за работата на водоводните пумпи. Битолски Водовод ги плати своите сметки за струја, но леењето пари кон енергетските капацитети значи намален развој и работа со неизвесност. Оттука, Пеце Милевски кој е и претседател на здружението на јавните водоводни претпријатија во Македонија денеска го актуелизираше второто барање на АДКОМ .
„Владата да помогне да ги субвенционира да ги надомести трошоците помеѓу фактични настанатите и планираните средства на почетокот на 2022 година. Долго време се обидувавме да издејствуваме нешто, односно од минатата година во овој период и морам да кажам дека да во овој момент сме задоволни од таа мерка 95евра од мегаватчас. Во ред е, но тоа е одлука до април, додека трае кризата, а потоа веројатно повторно ќе имаме проблем.“ – оценува Милевски за проблемот кој ја одбележа годината анализирајќи „Што со направените трошоци односно разликата помеѓу фактички направените трошоци и она што ни е предвидено на почеток во бизнис планот или планот за работа, како што оваа година го планираме за 2023 година? ЈКП Водовод Битола во 2018 година платило 9 милиони денари за електрична енергија за цела година, минатата година, 2021 платило 25 -26 милиони, оваа година стигнуваме веќе до 40 милиони. Значи, разликата е евидентна и многу голема и се доведуваме во се потешка и потешка ситуација за да функционираме. Да не заборавиме репроматеријалите, сите спојки, цевки, се што ние работиме е со зголемена цена. “
ЈКП Водовод во своето финансиско работење се соочи обврските- парите што треба да се платат за новата управна зграда и годишниот ануитет од 7 милиони денари за кредитот од пред 10 години што ќе се отплаќа до 2039 година.


„ Кредитот беше земен за три работи: новиот резервоар за средна зона на водоснабдување (викаме епинал), за скада системот и за дигитални водомери за 5 илјади или помалку водомери и домаќинства кои беа дигитализирани. Целата сума која била тогаш земена ближи 96.000,000 до 100 милиони. Ние во една година се соочивме и да исплатиме вредност на инвестиции во тек околу управната зграда од 47 милиони денари. Дополнително на тоа имавме и договор за исплаќање на четирите нови пумпни агрегати коишто чинат 24 милиони денари од кои исплатени се 17 милиони и дополнително електричната енергија којашто на крајот од годината ќе биде очекувано до 40 милиони денари. Значи една голема сума за која се трудевме морам да кажам со максимално намалување на нематеријалните трошоци. Максимално бевме посветени колку што можевме домаќински да го водиме јавното претпријатие коешто е во сопственост на граѓаните на Општина Битола. “- вели Милевски.



Финансиски Водовод е ликвиден , исплаќа плати на 224 вработени намалени со природниот одлив на вработени. „Моментално успешно исплаќаме плати, нормално функционираме , излегуваме на дефекти, сервисираме, сите услуги кон граѓаните. “
За надминување на проблемите, тие кои се строго поврзани со работата на ЈКП Водовод, директорот Пеце Милевски денеска зборуваше и за предвидените активности за следната година, базирани на надежите дека енергетската криза ќе го намали интензитетот и врз проценката дека пред енергетската криза претпријатието било со 14 милиони денари во добивка.
„Интенција како ново раководство ни е што може повеќе да се дигитализираме, ќе биде подобро , затоа што побрзо добиваме состојби, полесно се читаат водомерите, имаме софтвер преку којшто може да се известува доколку се случи некаков проблем со водомерот или некој прави злоупотреба или слично, таа дигитализација е потребна во сите сегменти од живеењето. “ .
Пеце Милевски информираше и дека во годината што изминува се изготви и физибилити студија за фотоволтаици кои би се поставиле на филтерницата и на новата управна зграда и за пренамена на земјиште со површина од 10.000 квадратни метри од земјоделско во градежно земјиште.
Иако не се знае финалниот трошок за управната зграда на ЈКП Водовод, поради многубројни дополнителни нејзини уредувања – партерно средување, лифт, пристап за инвалидизирани лица и слично, извесно е дека во следната година ова јавно претпријатие ќе функционира од новата локација. Денеска зградата го помина техничкиот прием , а „преселбата“ ќе започне откако целокупната архива на претпријатието ќе биде прегледана и архивирана од Државен Архив на Македонија.