March 28, 2024

Роден е на 16 декември 1869 год. во Ресен. Учи во Ресен, Брацигово и Пловдив. Студирал медицина во Цирих и Берлин. Дипломира како лекар во јули 1892 г. Потоа е поставен за школски лекар во Солунската машка гимназија „Св.Кирил и Методиј”.

Еден е од учесниците при формирањето на ВМОРО на 23 октомври 1893 год. во Солун и е избран за прв претседател на ЦК.

Во почетокот на 1901 год., е осуден на 5 год. и е пратен на заточение во Подрум-кале. Амнестиран е на 19 август 1902 год. При крајот на 1902 год. е именуван за член на Задграничното претставништво на Организацијата во Софија.

За време на Првата светска војна д-р Хр. Татарчев учествувал како лекар. Во периодот меѓу двете светски војни се оддава на публицистика. Извесно време по војната живее во Италија. Во времето на окупацијата живее во Ресен.

По војната заминува за Бугарија од каде 1949 г. оди во Италија каде умира на 2 јануари 1952 година.

Основањето на ВМРО
Широкото ослободително движење што ја зафатило Македонија во 90-тите години од XIX век довело до формирање на тајна револуционерна организација. Иници.јативата за тоа й припаднала на интелегенцијата. Македонските студенти во странство започнале да создаваат разни друштва во чија основа влегле револуционерните цели.

Од своја страна, тешките социјално-политички услови во земјата исто така придонесувале за спонтано создавање на групи, чија основна задача била самоодбрана од разните злосторници.

Во 90-тите години од XIX век скоро во сите делови на Македонија егзистирале организирани групи од селани за самоодбрана. Само во непосредната околина на Битолско имало неколку такви групи.

Постоењето на разните групи и кружоци и разните концепции за тоа каков облик и цел треба да й се даде на идната револуционерна организација поттикнувале кон иницијативата за поставување основите на организација што ќе ги собере, ќе ги обедини расфрлените, распокинати сили, ќе ги потчини на една определена цел – ослободувањето на Македонија. Останувало само да се направи последниот чекор – обединувањето на националната сила на македонскиот народ во една општа револуционерна организација.

Во есента на 1893 година бил направен и тој чекор. На 23 октомври 1893 година (стар стил) во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собраа шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, кое што ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – професор, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Aрсов – професор, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – професор, родум од с.Гуменџе, Ениџе Вардарско, основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет.

Основната тема на состанокот била идната политичка работа во Македонија и неопходноста од организирана општествена дејност во неа. По долгата дискусија, групата се конституирала како друштво со задача сите присутни да работат за неговото ширење меѓу своите познати. Ползувајќи се од условите што ги давал Солун како централно место во Македонија, во кој се собирале учители, еснафи, трговци, свештеници, за кратко време бил привлечен голем број на луѓе во новото друштво. И што е уште поважно, се дошло до сознанието дека во Македонија постојат услови за развивање на усилена револуционерна дејност. Охрабрени од тоа, во почетокот на 1894 година, пред Богојавление, организаторите по вторпат се сретнале во Солун за да ги определат целта, името и статутот на Организацијата.

По обемната дискусија во која дошле до израз погледите на секој поединец, најпосле, според тврдењето на И.Х.Николов, се поставиле следниве цели пред новата организација: да биде тајна и револуционерна; нејзината територија да ја сочинува Македонија во географските и етнографските граници, поради што ќе се вика внатрешна; во неа да членуваат лица што се родени и што живеат во Македонија, без разлика на вера и народност. Политичката цел на организираните Македонци била: автономија на Македонија, да се чува самостојноста на Организацијата, за да не падне под влијание на политиката на владите на соседните слободни држави.
На состанокот се решило еден од присутните, Петар Поп Арсов, да изработи проект на устав. Подоцна, кога овој Устав бил прифатен, се извршило и конституирање на новата организација. За претседател бил избран Христо Татарчев, а за секретар-касиер Даме Груев.

…Христо Татарчев
….На 23 октомври 1893 година дојде до првата средба на овој проширен круг луѓе, во одајата на книжарот Иван Хаџи Николов, во улицата Челеби – бакал. Присуствувавме јас, Груев, Поп Арсов, Хаџи Николов, Андон Димитров (учител по турски јазик во гимназијата, ми се чини родум од с. Ајватово), Христо Батанџиев, (од Гуменџе), тогаш учител во основното училиште, потем секретар во митрополијата; тој загина заедно со архимандритот Евлогиј во 1913 година (фрлен од Грците во морето). Само овие шестмина се бевме собрале. Тука веќе разменивме мисли за идната политичка активност, така да секој еден од нас ќе се труди да влијае врз други лица, и да ги привлекува за истата идеја, да се подготви организирана општествена дејност. Г рупата се конституира врз тие начела како друштво, без записник, и без да се избираат раководители сиреч претседател и сл.

На оваа средба не беше утврдена никаква формалност – заклетва или нешто слично, за да се сметаат членовите лично задолжени да дејствуваат за ослободителното дело. Меѓутоа, се разделивме со увереност дека ни претстои сериозна и тешка задача. Презедовме задолжување заедно да дејствуваме меѓу наши познати и секој еден од нас гледаше при погоден повод да го искористи престојувањето на учители, еснафи, свештеници и трговци во Солун, дојдени од провинцијата, за да агитира меѓу нив за идејата. Така помина до крајот на 1893 година. Во почетокот на 1894 година во време на празниците, пак споменатите шестмина се собравме пред Водици во живеалиштето на Андон Димитров (спроти куќата сега на браќата Дамјанови, бившиот бугарски пансион), за да го поставиме темелот на една револуционерна организација. Долго расправавме за целта на таа организација, и најпосле се задржавме врз автономија на Македонија со предимство на бугарскиот елемент. Не можевме да го прифатиме ставот за „директно присоединување на Македонија кон Бугарија“, затоа што увидовме дека тоа ќе сретне големи тешкотии, поради спротиставувањето на големите сили и аспирациите на соседните мали држави и на Турција. Ни поминуваше низ мислата дека една автономна Македонија потем би можела полесно да се обедини со Бугарија, а во краен случај, ако не се постигне тоа, дека ќе може да послужи како обединувачка алка на една федерација на балканските народи. Одринско, колку што се сеќавам, отпрвин не влегуваше во нашата програма, и мислам дека после беше дојдено до замислата и таа област да се вклучи кон автономна Македонија. Откако се согласивме за целта на нашата организација – на истата средба се зафативме да изработиме статут на Организацијата. Прирака ми беше еден том од „Записките“ на Захариј Стојанов, и од нив го зедовме за урнек статутот на „Бугарскиот револуционерен комитет“. Го задолживме Поп Арсов, врз основа на тој статут, да изработи нацрт на нашиот статут. На истата седница долго се разгледуваше прашањето какво име да носи Револуционерната организација и Комитетот. Ова прашање ни одзеде прилично време, и најпосле, колку што се сеќавам, усвоивме да се наречат: „Македонска револуционерна организација“, а Комитетот – „Централен македонски револуционерен комитет“, а скратено „Ц.М.Р.К.“. На други средби статутот беше дефинитивно примен, сe така од истиот тој состав на шестмината. Тогаш веќе, во согласност со усвоениот статут, беше конституиран првиот Централен комитет, при што мене ме избраа за претседател, а Дамјана Груев за секретар и благајник. Потем веќе започна практичното организирање на револуцијата, што тргна многу позабрзано….


1021