March 29, 2024

Ескалира војната меѓу „огнените“ и министрите на ДУИ, Македонија го очекува Шоле, тој очекува српско признавање на Косово

По средбата на „огнената група“ со партиската структура во Студеничани викендов, ескалира војната меѓу „огнените“ и министрите од ДУИ. Откако потпретседателот на ДУИ и еден од „огнените“ Изет Меџити му порача на Ахмети дека се со него, но и да не го гори јорганот за една болва, алудирајќи на првиот вицепремиер Артан Груби, тој му врати со видео, на кое Ахмети преку песна им порача „ајде да тргнеме понапред од злото“. Меџити видеото на Ахмети го смета за безобразна злоупотреба и за доказ дека ДУИ дефинитивно мора да се ослободи од узурпаторите, платениците и од неспособните.

Министерот за надворешни работи на државава Османи за критиките на „огнените“ вели дека немало што да коментира, повикувајќи се на досегашните свои иценки дека ДУИ е демократска партија. Тој в среда очекува во земјава да допатува Дерек Шоле, советник во американскиот Стејт Департмент.

Од Инстаграм профилот на амбасадорот на САД во РМ

Шоле во земјава според најавите доаѓа со посебна делегација која ќе се сретне со владини претставници на разговори за повеќе прашања кои ги засегаат двете страни, а неизбежна тема ќе биде борбата против корупцијата и владеењето на правото. Високиот американски дипломат првично требаше да пристигне во земјава во декември, но поради Ковид ја одложи посетата која се совпадна со престојот на американскиот тим за санкции.

Сепак, според денешите изјави на американската амбасадорка Ангела Агелер, Македонија не е единствена во фокусот на американската делегација. Во видокругот сепак е безбедноста на Западен Балкан. Шоле и поголемата владина делегација од САД ќе ја продолжат својата балканска мини турнеја, за чија стабилност клучна е нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија.


1022