February 1, 2023

Трамп спрема камбек на Твитер и Фејсбук

Откако беше одблокиран од Твитер, Доналд Трамп сака да си го врати и својот Фејсбук профил. Неговите 4,8 милиони следачи на Truth Social, платформата што самиот ја направи, изгледа нема да бидат доволни за победа на претстојните избори.

Во борбата повторно да се всели во Белата куќа, Доналд Трамп планира да си ги врати назад профилите на Твитер и Фејсбук.

Твитер ја имаше трајно банирано неговата сметка, но откако Илон Маск стана газда на платформата му ја тргна забраната. Без оглед на тоа, Трамп сè уште нема објавено ништо таму, иако извори блиски до него велат дека враќањето е само прашање на време. 

Тимот што му ја води кампањата, сега бара „помилување“ и од Мета, откако неговиот профил на Фејсбук беше забранет по бурниот упад во Конгресот, каде неговите поддржувачи протестираа заради изборните резултати и неуспехот што го доживеа Трамп во 2020-та. За разлика од Твитер, Фејсбук му стави времена забрана за која беше речено дека ќе биде повторно разгледана за две години.  

“Веруваме дека забраната на профилот на Трамп драматично го искриви и го инхибираше јавниот дискурс“, стои во официјалниот допис упатен до Мета. 

Наспроти тоа што некои го очекуваа, во писмото луѓето на Трамп не се закануваат со тужба, туку повеќе зборуваат за важноста на слободата на говор и бараат состанок каде што би се разговарало за негово враќање на Фејсбук. Портпаротлот на Мета одбил да ја коментира ситуацијата, и кусо рекол дека компанијата ќе ја објави својата одлука во претстојните недели, и дека таа ќе биде во склад со зацртаната процедура.

Плановите на Трамп да го рашири своето влијание на социјалните мрежи зборува делумно и за неуспехот на неговата Truth Social каде има 4,8 милиони следачи, многу помалку во споредба со 88-те милиони на Твитер и 34-те милиони на Фејсбук.