February 1, 2023

Расчистен патот Битола-Ресен по одронот на земјиште на 300 метри од Тунелот

Целосно е расчистен автопатот пред влезот во Битола по утрискиот одрон на земјиште што направи помали проблеми во одивањето на сообраќајот на патот од Битола кон Ресен. Навремената реакција на дежурните екипи од битолската подружница на ЈП Македонија пат и СВР Битола превенираа можни тешки последици.
Утринава, неколку минути по 1 часот на патниот правец А3 ( поранешен М-5) , на 300 метри од Тунелот над Битола од десна страна забележан бил одрон на помали камења и земјена маса. Одронот го забележале дежурните патролни екипи на ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта / Македонија Пат и веднаш презеле мерки за заштита и на коловозот и на сообраќајот. Од 7 часот утринава во соработка со СВР Битола – оддел за сообраќај го пренасочиле сообраќајот низ централното градско подрачје, а екипите од зимската служба на Македонија пат започнале со своја механизација да ја расчистуваат излизганата маса и посебно делот кој бил наталожен зад потпорниот ѕид. Од одделението за односи со јавност на јавното претпријатие дообјаснуваат дека одронот бил на т.н битолска обиколница од патот Прилеп-Ресен. Констатираат дека брзата стручна реакција на екипите доведе до кусо забранување на сообраќајот за сите возила на патниот правец и сегашната целосно расчистена состојба.
Од битолската подружница на Македонија Пат велат дека се работи за дел од реонот на автопатот што е познат како лизгалишите на земјиште. Токму заради тоа е и направен потпорниот зид, кој овојпат, заради тридневните обилни дождови не бил доволен да ја задржи земјената маса којашто од синоќа почнала да се лизга надолу. Побарале помош од СВР Битола за привремено затворање на сообраќајот заради потенцијалната опасност (по возачите,и сообраќајот )генерално што ја претставуваат и најмалите камчиња и грутки земја и најголемите (колку фудбалска топка на пример). 14-те екипи кои работат во „зимска служба“ постојано ги следат ваквите и слични состојби на патиштата, а овојпат алармирале за потребата од брза реакција, неформално ни објасни раководителот на подружницата. Засега нема повеќе никаква опасност, иако од ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта не може да предвидат што небото подготува за жителите на земјата.
Според последниот, извештајот на Диспечерскиот информативен центар на претпријатието од 12 часот денеска, „Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози. На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони. Дежурните екипи на ЈП МАКЕДОНИЈАПАТ се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни. “
ЈП Македонијапат апелира на внимателно возење и прилагодување на брзината спрема условите на патот. Сите подетални информации учесниците во сообраќајот можат да ги добијат на дежурниот телефон 02 /25 61 502.

Фото насловна: Agrotim.mk