March 28, 2024

Бројот на социјални случаи зголемен за над 50 проценти!

Се зголемува бројот на граѓани и домаќинства кои имаат потреба од финансиска поддршка од државата. За дури 54 отсто е зголемен бројот на граѓани кои не можат да обезбедат минимални приходи за себе и за своето семејство и спасот го бараат кај центрите за социјална помош. Од 76 илјади граѓани кои добивале социјална помош во 2019та година две години подоцна тој број се искачил на високи 117 илјади лица. Ова се податоци од државниот завод за статистика. Активистите апелираат до надлежните дека нема повеќе ниту време ниту простор да се остави состојбата таква каква што е, туку мора да се реагира преку нови мерки и програми и на овие граѓани да им се помогне соодветно. Паричната помош не е решение на долг рок. Податоците пак на Министерството за труд и социјала не изгледаат така страшно, тие објавуваат дека во Македонија има 35 илјади корисници на парична помош од државата, но тоа е така бидејќи тоа се домаќинства, а не индивидуални лица.

Трендот на зголемување на сиромаштијата е алармантен и мора да се стопира. По две децении континуирано намалување на бројот на лица кои живвеат во социјален ризик, во последниве неколку години од како пандемијата му се закани на светот сиромаштијата започна да расте во Македонија со забрзано темпо. Недозволиво е тоа што државните органи не објавуваат податоци за последнава измината година туку последните официјални бројки се заклучно 2021 година, вели Здравко Савески долгогодишен активист за социјална правда и додава дека тоа е дополнителен проблем на државата бидејќи не се знае каква е ситуацијата во 2022 година, а тие информации се потребни за формирање на економски план и правец во кој треба да се движат економските и социјалните политика на владата.

„Бројот на приматели на социјална парична помош е многу важна индикација, пред се за трендот во кој се движи едно општество, а ние имавме еден тренд кој траеше 20 години од 2000та година и тоа на намалување на бројот на приматели на социјална помош од државата. Овој тренд од 2020та година, почнувајќи од пандемијата започна да расте и само за две години е зголемен за неверојатни 54 проценти. Секогаш кризите во капитализмот прво ги погодуваат најслабите, но потоа почнува да се шири и трендот да оди нагоре. И оваа бројка на драстично зголемување на примателите на социјална парична помош треба да ги загрижи и останатите граѓани или работници дека тоа е почетен индикатор при продлабочување на економската криза, а се очекува да дојде и на тој начин ќе дојде до осиромашување и на категориите кои не се на самото дно на општеството,“ вели за Денар активистот за социјална правда Здравко Савески.

Од ресорното министерство за труд и социјална политика за Денар велат дека како одговор на пандемијата КОВИД-19, Владата во 2020 година, донела Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за социјална заштита за време на вонредна состојба со која се овозможи олеснет пристап до правото на гарантирана минимална помош за лицата на кои им престанал работниот однос за време на пандемијата, пресметана од месец април до декември 2020 година. Надлежните велат дека во текот на следната година, односно 2021 е надополнет законот за социјална заштита во однос на обезбедување на полесен пристап до остварување на правото на гарантирана минимална помош во услови на вонредни околности како што се утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди.

„Со овој закон во услови на вонредни околности се овозможува: материјалната необезбеденост на домаќинството да се утврдува со пресметување на износот на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи во месецот пред поднесување на барањето за остварување на правото за гарантирана минимална помош(наместо во последните три месеци во редовни околности). Обврска за известување за промената на бројната состојба, имотната состојба на домаќинството која влијае на користење на правото на гарантирана минимална помош, е утврдена во рок од 30 дена(наместо во рок од 15 дена кој е утврден во законот). Овозможено е право на гарантирана минимална помош да може да се оствари кога член на домаќинството е избришан од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување или на кој работниот однос му престанал спогодбено, по негово барање или со отказ од работодавецот поради кршење на договорните обврски или други обврски од работниот однос, а при тоа корисникот не е должен да се евидентира како невработено лице во надлежниот центар за вработување. Домаќинство кое користи гарантирана минимална помош, остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството и за месеците од април до септември(непрекинато во текот на една календарска година)“, објаснуваат од Министерството за труд.

Податоците покажуваат дека од донесувањето на уредбата до декември 2020, бројот на корисици- домаќинства на ГМП е зголемен за 15%. Согласно динамиката на поднесени барања и траењето на пандемијата, евидентирани се корисници односно домаќинства на Гарантирана минимална помош и тоа:

  • во месец ноември 2019 година – 28117
  • во месец ноември 2020 година – 34528
  • во месец ноември 2021 година – 37223
  • во месец ноември 2022 година – 35708

Податоците кои ги добивме од Министерствот за труд и социјала покажуваат и дека, домаќинствата во кои носител на правото е жена сочинуваат 35,8% од сите домаќинства кои примаат ваква помош. Во однос на големината на домаќинствата корисници, од вкупниот број на домаќинства корисници 28.2% се едночлени домаќинства, потоа 23,5% се двочлени домаќинства и 17.9% се четиричлени домаќинства. Домаќинствата со пет или повеќе членови, кои се особено ранливи и изложени на ризик од сиромаштија се застапени со 10.7%. Во однос на образовната структура, лицата со основно образование сочинуваат 60.2%, потоа следат оние со средно образование кои изнесуваат 19% и без основно образование 18.5%.

Од министерството уверуваат дека се предвидува зајакната активација на корисниците на гарантирана минимална помош на начин што сите работоспособни членови на домаќинството се вклучат во активни програмите за вработување заради нивно оспособување за работа и вработување. Според информациите, се предвидува и носење на нов Закон за вработување и осигурување во случај на невработеност со што меѓу другото ќе се креира правна рамка погодна за давање на социјални услуги за поддржано вработување, преку менторство и советување.

И.П

Превземено од https://denar.mk

https://denar.mk/279814/ekonomija/brojot-na-socijalni-slucai-zgolemen-za-nad-pedeset-procenti


1019