April 18, 2024

Стразбур ги отфрли жалбите за укинатата аболиција, биле преуранети

Пропадна обидот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов и на одбраната да ги спасат од правда обвинетите од случаите на поранешното Специјално обвинителство. Европскиот суд за човекови права во Стразбур, по повеќе од пет години, оцени дека жалбите на странките се неосновани, бидејќи обвинетите и осудените сè уште не ги исцрпиле сите домашните правни лекови, што е предуслов овој суд да одлучи во однос на судските случаи на соодветните држави.

Премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски оваа одлука ја оценија како успех на државата.

На линија со ВМРО е и адвокатот Влатко Илиевски, кој ја поднесе првата жалба во Стразбург. Тој е сопруг на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

„Малку е чудно што на судот му требаа 5 и пол години да одлучи дека пријавата е прерана. Суштината на барањето беше дека на апликантите воопшто не мораше да им се суди и затоа не треба да се очекува одлука од судовите во земјата. Мислам дека Владата нема потреба да се радува или да покажува триумфалност, затоа што ова не е одбиена апликација бидејќи е неоснована, туку затоа што е преуранета. Се надевам дека судовите во земјава ќе ги земат предвид аргументите кои беа употребени во пријавите и соодветно ќе ги спроведат во пресудите што следат“, рече Влатко Илиевски, адвокат.

Во аболицијата на Ѓорге Иванов во 2016 година беа вклучени вкупно 56 лица, но во 2017 година само дел од нив се пожалија во Стразбур дека според нив, аболицијата на претседателот не може да се повлече и оти поради тоа не треба да бидат судени. Аболициите опфаќаа лица од предметите за масовното прислушување, уништување уреди за прислушување, „Таргет Тврдина“ за изборни нерегуларности, „Титаник“ за злоупотреба при превозот на ученици во Битола, „Транспортер“, како и случајот за уривање на објектот „Козмос“, познат како „ТНТ“.

Меѓу имињата кои Иванов први ги аболицираше, но потоа се повлече беа Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Зоран Заев, Бранко Црвенковски, Мендух Тачи, Бедредин Ибраими, Фатиме Фетаи, Лиле Стефанова и некои други.

Ардит Рамадани


1176