Проф. д-р Орце Симов: Државен дата центар и Дигитална агенција на Македонија

За да се изврши дигитална трансофрмација на институциите во Македонија потребно е да се оптимизираат сите процеси и функции кои ги обезбедуваат тие институции и истите да се овозможат преку употреба на дигитални средства. Рачната и хартиена работа треба да се замени со работа базирана на софтвер и Информациско-комуникациски технологии.
Сите услуги кои ги даваат централните и локалните институции кон граѓаните и стопанството треба да бидат достапни преку Интернет, преку компјутер и мобилен телефон, 24 часа, 365 дена во годината. Најдобро е дигиталната трансформација да се базира на домашни компании кои со тоа ќе го зајакнат својот човечки потенцијал, ќе се стекнат со искуство и know-how и ќе можат да натспат со слични производи и услуги и на други пазари.
За да се овозможи тоа треба да има информациони системи кои ќе ги опслужуваат тие барања. Треба да има стручен кадар кој ќе се грижи за безбедноста и функционирањето на тие информациони системи.
Сосема е неоправдано од економска и техничка гледна точка едниниците на локална самоуправа да градат посебни систем сали кои ќе овозможат дигитализација на нивните процеси и функции за овозможување дигитални услуги кон граѓаните и стопанството. Општините, посебно малите општини немаат ни човечки ни технички ни финансиски можности сами да го направат тоа. Наместо 85 посебни систем сали, треба да се делат ресурсите во еден современ во секоја гледна точка, државен дата центар.
Во моментот секоја државна институција има субстандардна систем сала која ги опслужува потребите на институцијата со мал и несоодветен број на вработени. Имаме 1500 посебни, расцепкани систем сали во кои има застарени сервери со стари верзии на системски софтвер, оперативни системи, бази на податоци. Информациони системи во кои не се ажурираат софтверите со најнови верзии, во кои не се имплементирани и најосновни стандарди и процедури за информациона безбедност. Со тоа нашите институции стануваат лесна мета на напаѓачи кои имаат различни побуди и мотиви за вршење напади на информациските системи.
Човечките ресурси во ИТ секторите во институциите се ослабнати, намалени и речиси непостојат. Поради тоа, треба да се основа Дигитална агенција, сите вработени во ИТ секторите од сите институции да се вработат во таа агенција во која ќе имаат конкурентни плати со приватниот сектор. На тој начин ќе се концентираат кадри со потребни знаења од различни области кои ќе можат да се грижат за безбедно функционирање на информационите системи на институциите кои ќе овозможуваат дигитални услуги кон граѓаните и стопанството.
Наместо да постојат над 1500 субстандардни систем сали во незадоволнителна состојба, потребите треба се да се опслужуваат од еден модерен државен дата центар, направен по највисоки стандарди, во кој ќе биде сместена ИТ опремата на сите институции. Тој државен дата центар треба да биде реплициран во уште 2 идентични Disaster Recovery центри, кои ќе можат да ја превземат работата во случај на нефункционирање на примарниот дата центар. За оперативното функционирање на овој систем треба да се грижи Дигиталната агенција и нејзините вработени.


1063