МАРТИНКА – важна за културата на народите, научно истражувачко патување (Обновено)

Почетокот на пролетта на Балканот се означува со мартинка. Обичната алка која од 2017 година официјално е впишана во репрезентативната листа на УНЕСКО за светско културно нематеријално наследство. Тимот Василка Димитровска, археолог и коосновач на ХАЕМУС, центар за научно истражување и промоција на културата и студентките на Институтот за етнологија и антропологија Ленче Димовска и Душица Брачиќ реализираа истражување за „постоењето, распространетоста, практикувањето и варијантите“на обичајот. Така настана публикацијата „Мапирање на обичајот мартинки во Скопје и скопско“ што ја издаде ХАЕМУС.
Од Душица Брачиќ, студент на Етнологија и Антропологија побаравме одговори и за мартинките, и за обичајот, и за истражувањето.

Пеланет: Класично новинарски за да ја утврдиме релевантноста на соговорникот, иако е коавтор на публикацијата и трета година на факултет. Која е Душица Брачиќ?
Душица Браќиќ: Јас сум истражувач на познатото и непознатото. Како трета година студент на Институтот за етнологија и антропологија се најдов на различни патишта (метафорични и вистински). Никогаш не сум го прекинала моето патување, а и никогаш не го најдов крајот, бидејќи ако сум го нашла крајот значи сум престанала да нурнувам во длабочините на тоа што е човек- го губам мојот идентитет како истражувач. Индивидуално сакам да истражувам необични теми, со посебен фокус на антропологијата на страв. Сепак досега најмногу сум работела со луѓе, професионалци во нивното поле, кои несебично го споделуваат нивното работно искуство, а од кои научив многу. Тука е мојата мајка исто така етнолог, моите професори, колеги, тимот на ХАЕМУС, и моето неодамнешно запознавање со ИКОМОС Македонија со кои учествував на студиска посета.

Пеланет: Што е мартинка? Кој ја правел? Како ја правел? Кога се прави?
Душица Брачиќ: Како и повеќето слични обичаи кои се практикуваат на повеќе географски простори, тешко е да се даде еден единствен и конечен одговор на овој тип прашања. Важно е да се нагласи дека обичајот мартинки се практикува во Македонија, Бугарија, Романија, Молдавија, јужниот дел на Србија и северниот дел од Грција, опфаќајќи различни етнички заедници во тие земји. Според пишуваната литература и од кажувањата на терен правењето мартинка е по женска линија, каде некаде има и старосна норма, односно најстар член да ги “усукува“. Сепак во некои делови помладите (7-14години) ги правеле заедно мартинкие во дворови, нагласувајќи го социјалниот аспект на обичајот.
За изработка на мартинка најмногу се употребувале природни материјали, односно волна, лен, коноп и свила, а денеска во употреба се различни природни е вештачки материјали.

Самата техника се состои од усукување на две, (ретко три или четири) преѓи од овие материјали кои се заврзуваат на краевите така што не би се одмотале. Претпознатиливи бои на мартинките се црвената и белата, иако порано се ставала и црна, а во Источна Македонија биле и пошарени, таму во употреба била и сината боја.
Самото правење или носење на мартинки се поврзува со празникот Летник, кој е на 14ти март или на први март по стариот календар (затоа денеска некои го практикуваат обичајот на 14ти, а други на први). Интересно е да се напоменат некои норми што ги имале некои групи, како: на левата рака се носи мартинка за ластовиците, а на десната за штрковите, мартинката да не ја фаќа сонце за личноста да не ја изгори сонце преку лето.
Или пак дека мартинките се одврзуваат или кога ќе се види птица преселница/ластовица/штрк или кога ќе се види прво расцветано дрво, потоа истите се врзуваат на гранка дрво и се замислува желба, некаде се става под камен. Се разбира ова е само општ преглед, а листата може да се продолжи ако опфатиме и повеќе групи.
Пеланет: Правењето мартинки е вештина или само социјална практика, ритуал, обичај?
Душица Брачиќ: Мартинките се само еден дел од низата обреди/обичаи кои се практикуваат во месец март, а имаат за цел да се отпочне убаво време во остатокот од годината. Бидејќи месецот е прилично променлив (и непредвидлив) често обредите се поврзани со земјоделската дејност. Конкретно мартинката како амајлија се носи со верување дека поединецот ќе има здравје и среќа. Врзување на мартинки е забележано и кај домашни миленици и воопшто стоката, на гранки од млади дрва што го потврдува верувањето во моќта на оваа амајлија и причина зошто опстанала како обичај.

Пеланет: Сознанијата за мартинките Македонија еднаш ги промовираше заедно со Романија, Молдавија и Бугарија кога мартинките станаа дел од светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Но, вие трите направивте подлабоко истражување на специфична територија, Скопје и скопско? Што дознавте?
Душица Брачиќ: Во нашето истражување за обичајот мартинки во Скопје и Скопско главно се служевме со квалитативно и квантитативно истражување. Првото се однесува на собирање информации преку интервјуa, а второто ние го направивме преку анкета која беше прикачена на интернет со цел да се опфати поширок круг на информации.


Лично, јас повеќе го ценам квалитативното истражување и одењето на терен бидејќи за мене се покажало дека нуди поисцрпни одговори, но и воопшто прави да се има повеќе “осет“ со проблематиката за која се истражува. НА пример со одењето на терен заедно со тимот на ХАЕМУС можевме од прва рака да ги слушнеме песните што ги пееле кога правеле мартинки и се разбира навлегувавме подлабоко на некои детали. Сепак за нас и анкетата се покажа успешна, со тоа што добивме околу 50тина одговори, дел од нив со долги раскажувања. Откако заврши овај начин на собирање информации, следеше процес на анализа на податоците. Така заклучивме дека неизбежно е да се евидентираат влијанијата од “надвор“ во Скопје и Скопско, односно како миграциите влијаат во правењето варијации за овај обичај. ХАЕМУС како правен носител на обичајот мартинки во УНЕСКО е претставник на локалните заедници во Македонија кои ја практикуваат оваа традиција. Затоа во нашето истражување беа вклучени сите поединци кои го практикуваат обичајот без разлика на нивната религиозна и етничка позадина, возраст и пол/род. На крај публикацијата е грижливо напишана, правејќи ја достапна за секаква публика и внимателно поделена на неколку наслови кои се збогатени со одоговори од соговорниците.
Пеланет: Што беше најинтересно?

Душица Брачиќ: За мене најинтересни одговори беа оние кои се разликуваа од практиките што јас вообичаено ги правам. На пример на 14ти март, албанската заедница го прославува празникот „ДИТА Е ВЕРЕС“, истиот сочинува носење на мартинка (која инаку на албански се нарекува VERORJA или VERORET), која се носи до Ѓурѓовден, исто така носење мартинки до Ѓурѓовден е забележано и во Мијачијата. Покрај тоа овај празник има и други дополнителни елементи, пример бојадисување на јајца, подетално и со повеќе анализа е напишано во самата публикација.
Пеланет: Има ли светот материјален доказ од мартинка, па да може да се каже дека има најстара ?
Душица Брачиќ: Сочувани пишувани и материјални докази за мартинките има во Македонија. На пример ХАЕМУС поседува различни видови мартинки од Македонија, Бугарија и Романија, а секогаш ги изложува во пресрет на манифестацијата која ова година веќе 10ти пат се одржа- „СРЕЌНА БАБА МАРТА“. Потоа и од други Институти се спроведуваат теренски истражувања, па се запишани различни верувања и кажувања за мартинките. Таквиот теренски материјал кој вообичаено е сниман, потоа се транскрибира и документира. Исто така за мартинките дознаваме и во Зборникот на Миладиновци: „Мартинки- дента спроти марта сучат црвено и бело предено. И утрината го клавает на децата на грло, на р’це и нодзе за здравје. Тие се викает мартинки, и со ним в Струга стретват ластовиците. Таја вечер преминувает местата, к’де спавале до тога, за да не ги јадат болви. Тој ден малите деца прават ластовица от дрво шикосано, и пејет по к’штите: „ластовица идеше, црно море пливаше…“- во сиот месец не јадат зеље останато од понапрежниот ден“.
Пеланет: Дали секој вплетен црвен и бел конец е мартинка? Едни има и со чоечиња. И дали мора да се бел и црвен конец?
Душица Брачиќ: Мартинката доаѓа во различни облици: како алка, беџ, некаде и како ланче, но покрај таква форма за на тело мартинката може да има други димензии и облици. На пример во поголеми димензии се става на вратата од домот. Може да има форма на куклички, кои наликуваат на момче и девојче. Како што кажав најчесто боите на мартинката се црвената, која ја симболизира крвта, и белата која ја симболизира чистотата (иако и за ова има различни толкувања). Денеска повторно најпопуларни се овие бои, но имаат дополнителни декорации, На пример монистра и приврзоци во различни облици.


Пеланет: Претпоставувам процесот на истражување иако обемен и долготраен беше и забавен. Душица зошто избра да си етнолог и антрополог, кога се повеќе за област на студии и професија се зборува за информатички науки?
Душица Брачиќ: Етнологијата и Антропологијата нуди можност човековиот живот да се истражува од долу, од она што е скриено. За да се влезе длабоко во тие корени треба да се копа…користејќи ги методолошките пристапи на овие две науки, Етнологот/Антрополог не само што разоткрива туку и помага светот да е безбеден за сета човекова разновидност.

Познатиот антрополог Клифорд Гирц рекол: „Ако сакаме да откриеме на што се сведува човекот, ние може да го најдеме тоа само во она што луѓето се’ , а она што се луѓето, над се’ варира“.
Kако иден етнолог и антрополог моја визија е да ги направам моите истражувачки прашања влијателни во општествените промени кои ќе градат подобра иднина.
Пеланет: Што следно да очекуваме, ќе го проширите истражувањето на други делови од Македонија или да очекуваме публикација на други нови досега заборавени македонски обичаи?
Душица Брачиќ: И оваа година сум дел од истражувачки проекти, кои се главно во областа на нематеријалното културно наследство. Дел од нив се во рамки на факултетот, дел со Центарот за научно истражување и промоција на култура- ХАЕМУС, но и со други организации. Очекувам 2023 година да ми биде полна со активности, но оставам самите вие да ги следите резултатите.
Публикацијата „Мапирање на обичајот Мартинки во Скопје и скопско“ е прикачена online, на официјалната страна на ХАЕМУС каде секој би можел да ја симне и прочита:
