April 20, 2024

Дали е избрзана одлуката на МОН да мирува вонредно завршување на средно во здравствената струка

Во средните училишта во државава кои имаат насоки од здравствена струка повеќе не ќе може вонредно да се запишуваат ученици, процедурата од денеска Министерството за образование и наука (МОН) ја стави во мирување.

Фото: Јетон Шаќири, Министер за образование и наука, сопственост на влада.мк


Според министерот Јетон Шаќири, одлуката е резултат на анализа на состојбите на пазарот и во насока кон заштита на националниот интерес. Одлуката досега ја поздравија професионалните здруженија на медицински сестри кои укажувале дека -вонредно- здравствена струка избираат само лица кои имаат намера со македонските дипломи за медицинска сестра да се иселат од државата и, укажувале дека за прекратко време и со вонредно учење како медицински сестри се вработуваат недоволно искусни и неиспраксирани кадри, кои поминале едукација којашто бара и понатаму да бидат континуирано мониторирани и да им се помага.

Фото: училница во битолско Медицинскo, сопственост на ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“


Допис од МОН вчера пристигнал и во ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“во Битола.За мислење се обративме до директорката Наташа Илиева. Таа ни кажа дека не може да изнесе мислење за дадениот допис бидејќи сеуште немаат добиено образложение за ваквата одлука на МОН. Дописот значи дека нема да бидат прифатени пријави од заинтересирани кандидати за самостојното дооформување на образованието преку статусот вонреден средношколец.
„Заинтересираност за вонредно завршување на некоја од здравствените струки има во континуитет, а процесот е организиран по семестри и сесии, со практична настава, спроведување на пракса во јавна или приватна здравствена установа и спроведување на феријална пракса, впрочем, онака како што е предвидено со закон“– вели директорката Наташа Илиева.

Фото: од ученичко секојдневие, сопственост на ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“

„Ова подразбира дека секој од вонредните ученици индивидуално ја определува динамиката на учење односно завршување, но секако дека тоа не е курс што може да се реализира за многу пократко време од она што е потребно за завршување на редовните ученици– додава таа, објаснувајќи дека „И практичната и феријалната настава се со предвиден број на часови кои мора да се реализираат“.
Според Законот за средно образование кој е на сила, „Вонредни ученици се лица кои образованието го стекнуваат со самообразование, по пат на полагање испити за одреден план и програма во средното училиште. Како вонреден ученик може да се запише лице кое исполнува еден од следниве услови: – да е постар од 17 години; – да е на боледување подолг период; – да му е изречена педагошка мерка отстранување од училиштето, – да е во работен однос и – во други случаи утврдени со статутот на средното училиште“.
Ваквата законска поставеност им овозможува на многу припадници од здравствената струка кои засновале работен однос во здравствена установа да се преквалификуваат ако пазарот на трудот го бара тоа. Во изминатите години сведочевме на законски измени за кадарот што треба да се вработува во аптеките. Многу дипломирани медицински сестри кои со години работеле во аптека мораа преку статусот „вонреден средношколец“да се преквалификуваат во фармацевтски техничари.


Од училиштетото укажуваат и дека со досегашниот начин на вонредно стекнување со диплома за средно образование се прибирало извесна сума на средства која била користена за подобрување на квалитетот на наставниот процес. За илустрација е примерот на поранешни генерации забни техничари или фармацевти или лаборанти кои, иако редовни ученици во задолжителното средно образование, сами одвојувале средства за реагенси или материјали, што сега се обезбедуваат од самото училиште.
Од ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ истакнуваат дека секоја одлука на Министерството ќе биде почитувана во насока на заштита на професијата, квалитетот, статусот и дигнитетот на здравствената струка.


1121