April 26, 2024

Преспанско-Пелагониската епархија преполовена, меѓу Архиепископот Охридски и митрополит Скопски Вранишковски и Митрополитот Петар, во црквата на Стефан

Јован Вранишковски, кого МПЦ -ОА го ракоположи, па го игнорираше, ексомуницираше и на крај го расчини, сега има титула Архиепископ Охридски и Митрополит Скопски и треба да ги добие на управување Демир Хисар и Крушево, заедно со Нижеполе, каде веројатно ќе биде седиштето на новата Епархија. Ова е една од одлуките коишто Синодот на Македонската Православна Црква ги донесе денеска, на безмалку една година од објавата на Томосот на Српската православна црква со која, како што се објаснува, се прекина расколот во ортодоксната Црква.

Во првичниот договор за преполовувањето на Преспанско-Пелагониската Епархија се споменувал и Ресен, но денеска не е донесена конечната одлука , соопштуваат од Синодот на МПЦ – ОА, којашто ќе биде донесена на Соборот на Српската православна црква што треба да се одржи во тек на следниот месец.

Преспанско-Пелагониската епархија досега територијално го зафаќа југозападниот дел на Република Македонија. Во нејзиниот состав влегуваат градовите: Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар и Крушево, во кои се наоѓаат и седиштата на истоимените намесништва. Црковното седиште на Преспанско-пелагониската православна епархија се наоѓа во градот Битола.

Недореченостите за кои реагираше македонската дијаспора денеска можеби станаа појасни.

Имено, Пеланет на почетокот на овој месец информираше за Декларацијата којашто ја потпишуваа македонските иселеници во Европа со која на Синодот му се даде поддршка во справувањето со долгогодишниот проблем, но најважно, со која се потврдува нивната желба и право сами да изберат чии ќе бидат црквите – имотите за кои придонеле во нивното градење. Досега во нив се служеше од свештеници и владици ракоположени во МПЦ-ОА.

Со вака поставените услови за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА во што е вклучено и името на Црквата во Македонија не се согласуваат сите верници, особено тие од дијаспората кои ја познаваат проблематиката и ја изедначуваат со проблемот што државата го имаше со името, па го промени.
Изворот на аргументите го наоѓаат во објавата на Веселенската Патријаршија публикувана во весникот на МПЦ – ОА пред една година, во која се вели :

„Светиот свештен синод, кој заседаваше денес, во понеделник, 9 мај 2022 под претседателстви на Неговата Божествена Сосветост, Вселенскиот Патријарх г.г. Ватоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем на Скопје и, оенувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повеќекратните повици од државата Северна Македонија, го одлучи следново :

  1. Ги прима во еврхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни православни браќа. За ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален акт.
  2. Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има меѓу неа и Црквата во Асеверна Македонија, секако во рамките на Светоканонскиот поредк и на Црковното предание.
  3. Како име на оваа Црква го прзнава „Охридска“ ( подразбирајќи ја областа на нејзината јурисдикција, само во границите на државата Северна Македонија), како што и нејзиниот Претстојател писмено и вети на Вселенската Патријаршија, исклучувајќи го терминот „Македонска“ и каква било друга изведена од зборот Македонија“
    И завршува: „ Вселенската Патријаршија продолжува да се интересира за растењето, напредокот и благосостојбата на овој црковен ентитет на Охрид, како што и правела низ вековите за сите помесни Православни Цркви, како „сместувалиште на љубовта, извор на благочеситето на родот на православните христијани ( Митрополит на Драма Павле). “

Негодувањето на познавачите подразбира коментари дека со прифаќањето на СПЦ како Мајка Црква се негирало се што досега било официјална македонска црковна политика од 1957 година наваму.

Овој процес на поделба на надлежностите денеска беше најавен како интеграција на МПЦ-ОА со ПОА – Православна Охридска Архиепископија формирана од Вранишковски.


1065