ЕКСЛУЗИВНО! „Киро Дандаро“ АД Битола има нов сопственик, хрватски САТО
Денеска на македонската берза, со блок трансакција на редовен-слободен пазар се продаде АД „Киро Дандаро“ од Битола. Купувач е реномираната и етаблирана хрватска компанија САТО.
Ексклузивно за Пеланет оваа информација ја потврди директорот Драги Милошевски, кој, како еден од акционерите потврди дека во текот изминатата година акции од претпријатието биле понудени на берза и, дека разговорите и преговорите со САТО траеле скоро исто толку.

„Денеска слободно можам да објавам дека успешно е завршена продажбата на АД Киро Дандаро. Мило ми е да по 37 години поминати во „Киро Дандаро“ овој потег е влогот најпрвин за сигурноста на вработените , а потоа и стабилната иднина на претпријатието во целост и, за сите идни генерации на битолчани кои можеби ќе се вработуваат овде. САТО добива бренд кој е етаблиран на европските пазари, бред кој има извоз преку 65% за минатата година, со тенденција оваа година да поминеме 70% извоз, освен сертификат за извоз во земјите на ЕУ има сертификати за извоз секаде во светот, сите континенти. Јавноста да знае, вработените веќе знаат, дека САТО е етаблирана фирма од Хрватска која ќе го продолжи континуитетот на успешност во работењето , а со тоа и сигурноста за вработените. “ – изјави Милошевски.

Иако САТО е стопостотен сопственик, менаџерскиот тим на Киро Дадаро останува ист, и , според денешната средба во просториите на едно од најстарите битолски претпријатија, голем столб на пелагониското и македонското стопанство, со новите сопственици се зборувало за заедничка нова инвестиција којашто де факто значи проширување на палетата производи.
„Да разговараме за нов сектор кој ние го имавме и досега но во мал обем, разговараме за security printing (безбедносно печатење, н.з, слободен превод), односно печатење на сигурносни хартии, бидејќи тие имаат и дел на опрема со која може да се работи, па, преку спојувањето на двете фирми ќе може комплетно да одговориме на побарувањата на пазарот. Од сигурносни хартии ќе печатиме се, од сите видови на маркици, за тутунска индустрија, за фармација, картици за банкарств итн . “ – изјави за Пеланет директорот на „Киро Дандарот“ Драги Милоошевски.

Инаку „Киро Дандаро„ АД Битола е претпријатие кое ја создаваше и создава историјата и развојот на графичката дејност во Македонија: 22 работници започнале со работа во 1944 година, со печатење на дневни весници и книги, за денес да претставува претпријатие кое предничи со развој, е поим за графичката индустрија на Балканот и, со преку 170 вработени од различни профили. Први го ориентираа производството кон обновливи извори на енергија, а успешно се справија и со дигитализираниот свет.