Генералка викенд 2023
„Во каква средина ќе живееме зависи од сите нас. Токму затоа секој граѓанин треба да го даде својот максимум во одржувањето на здрава и чиста околина “. – порачува градоначалникот на Битола д-р Тони Коњановски во видео-повикот до битолчани да се приклучат на акцијата за чистење на градот. Па вели:
„Минатата година за првпат бевме дел од Генерална викенд, се средуваа дворови на детски градинки , училишта, месни и урбани заедници , јавни површини. Имавме масовна вклученост на нашите сограѓани, јавните претпријатија и приватните фирми. Дадовме пример како заеднички можеме да создадеме чисти простори во кои ќе играат најмладите , ќе одмараат повозрасните, и ќе бидат одраз на чиста Битола во каква сите сакаме да живееме.
Затоа, ве повикувам сите сограѓани, заедно да се вклучиме и оваа година на 12 мај во генералка викенд . Да дадеме пример кој ќе се почитува и практикува . Нашето мото нека биде „Генералка викенд еден ден , мотивација за чист град-секој ден. “
Денеска од Општината информираат дека работните активности за почиста животна средина ќе започнат од 08:00 часот и ќе се одвиваат на следните локации:
- Обиколница на Регионален пат Битола – Охрид
- АРМ – просторот на поранешната Касарна
- Просторот околу Хотел „Битола“
- ул.Тошо Даскалот – Партизанска
- Тумбе кафе (кај авионите)
- Mесто викано Кајнак
На наведените локации може да се вклучат сите заинтересирани граѓани, а своето учество со чистење на површините околу училиштата веќе го најавија 8 основни училишта и средното општинско училиште Гимназија „Јосип Броз Тито“, со што во акцијата учество ќе земат над 1500 ученици. Културно уметничкото друштво „Илинден“, за време на „Генералка викенд“, заедно со жителите од урбаната заедница, ќе спроведе активности за чистење на УЗ „Даме Груев“, а во акцијата се вклучува и месното население од урбаните заедници „Панде Кајзерот“, „Васко Карангелевски“, „Ѓорги Наумов“, „Благојче Силјанов -Џуџето“ и други, со расчистување на просторот кој гравитира кон овие урбани заедници.
Извор: Општина Битола