May 20, 2024

Нобеловецот Ден Шехтман промовиран во Почесен професор на УКЛО

Престижната академска титула Professor Honoris Causa, Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ – Битола му ја додели на проф. д-р Ден Шехтман од Израел, добитник на Нобелова награда за хемија во 2011 година за откривање на квазикристалите.

На свечената церемонија во Офицерскиот дом во Битола на 27.05.2023 г. ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски му ги врачи на нобеловецот Шехтман инсигниите на Универзитетот – Дипломата и Oдората за Почесен професор.

На промоцијата, ректорот Неделковски истакна дека титулата Почесен професор ја добива светски познато име, признато во светот на науката и во меѓународната и развиена универзитетска заедница. Со ова почесно звање, доделено првпат во историјата на високообразовната институција, Универзитетот ја препознава улогата на науката и особено виталноста на хемијата, којашто зазема централно место помеѓу природните науки заради нејзинито економско значење и заради нејзиното постојано присуство во нашето секојдневие.

На настанот, проф. д-р Ден Шехтман одржа пристапно предавање, при што рече дека најважното нешто за една земја се луѓето и нивната свест. „Она што и треба на Македонија е економски успех што ќе го врати младото население повторно во земјата, Потребни се повеќе инженери и научници, а Универзитетот е местото каде тие се подготвуваат.“ нагласи д-р Шехтман.

Фото: дифракциска слика на квазикристали ,

Ден Шехтман ја доби Нобеловата награда за хемија во 2011 година за откривање на кристални структури дотогаш непознати за науката: квазикристали. Квазикристалите го трансформираа разбирањето на научниците за тоа како материјата може да се организира и ги отвори умовите на научниците за сосема нова класа на материјали што може да постојат. Имаат слаба топлинска спроводливост, што ги прави добри изолатори. Квазикристалите се користат во хируршки инструменти, LED светилки и нелепливи тави за пржење.

Извор: УКЛО


1021