May 20, 2024

Центарот за климатски промени со апел до граѓаните: Вклучете се во борбата со климатските промени

СВЕТСКИ ДЕН НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

На Светскиот ден на животната средина, кој се одбележува секоја година на 5-ти јуни, Центарот за климатски промени ги повикува граѓаните во Македонија да се приклучат во борбата против климатските промени со преземање итни активности за заштита на нашата планета. Под слоганот на кампањата „#ПреземиКлиматскаАкција вклучи се во борбата со климатските промени“, Центарот ја нагласува важноста на индивидуалните напори за намалување на емисиите на стакленички гасови и ублажување на ефектите од климатските промени.

Центарот ја нагласува итната потреба за акција бидејќи сме сведоци на се повеќе долги и топли лета со екстремни температури, намалени врнежи и чести појави на екстремни временски непогоди како што се поплави, бури и суши. Климатските проценки за Македонија укажуваат на потопла и посува клима во иднина, со очекувано зголемување на топлите бранови и намалување на студените зими. Овие промени претставуваат ризици за нашата животна средина, како и за земјоделството.

„Секој има моќ да направи разлика. Преку поединечни акции, можеме колективно да делуваме на неопходните промени за заштита на нашата планета за сегашните и идните генерации. Токму денеска, на Светскиот ден на животната средина, да го прифатиме предизвикот и заедно да преземеме климатски активности.“ – порачаа од Центарот за климатски промени.

Потребно е подигање на свеста кај граѓаните и поттикнување на промени во однесувањето во користењето на ресурсите, грижата за животната средина и итната потреба да се намалат ефектите од климатските промени. Со усвојување на одржливи практики во нашиот секојдневен живот, сите ние можеме да придонесеме за намалување на стакленички гасови и да го минимизираме влијанието врз нашата животна средина.

Центарот за климатски промени предлага до сите граѓани практични чекори што како поединци можат да ги преземат за да направат разлика:

  1. Намалување на отпадот и рециклирање: со минимизирање на потрошувачката, ефикасно повторно користење на материјалите и рециклирање на отпадот, можеме значително да ги намалиме емисиите на CO2.
  2. Заштедете енергија: Одлучете се за уреди за заштеда на енергија, заменете ги традиционалните светилки со ефикасни и користете обновливи извори на енергија за греење на домот.
  3. Прифатете го одржливиот транспорт: изберете велосипеди или електрични тротинети наместо автомобили, делете превоз и внимавајте на брзините на возење за да ги минимизирате емисиите.
  4. Направете свесен избор на исхрана: намалете ја потрошувачката на месо и млечни производи, одлучете се за локално произведена храна и избегнувајте прекумерно пакување.
  5. Засадете дрвја: Дрвјата делуваат како природни јаглеродни тонови и апсорбираат CO2 од атмосферата. Секое засадено дрво дава значаен придонес во намалувањето на емисиите на стакленички гасови.

– Ги охрабруваме граѓаните да се вклучат во информирани дискусии за климатските промени и нивните ефекти. Едуцирајќи се себеси и своите најблиски, можете да придонесите за поголемо колективно влијание. Неопходно е да се комуницира со локалната самоуправа, министерствата, индустриите и приватните претпријатија, повикувајќи ги да преземат одговорност за придонесот на нивните активности во климатските промени.“ додаваат од Центарот.

Транспортот претставува значителен дел од емисиите на CO2, при што само патниот транспорт е одговорен за 72% од емисиите во ЕУ. Во Македонија транспортот придонесува за приближно 30% од вкупните емисии на стакленички гасови. Со избирање на велосипеди наместо автомобили, граѓаните можат да играат витална улога во намалувањето на емисиите и борбата против климатските промени.

Центарот за климатски промени е водечка организација посветена на подигање на свеста за климатските промени, застапување за одржливи практики и работа кон намалување на ефектите од климатските промени. Преку истражување, образование и иницијативи за соработка, Центарот има за цел да ги поттикне поединците и заедниците да преземат акција за позелена и поодржлива иднина.


1058