April 16, 2024

Недела на протести, сите бараат почитување на законот за нивните плати

Граничните премини на Македонија со остатокот од светот денеска ќе бидат затворени на 30тина минути или малку повеќе. Получасовен предупредувачки протест, од 12 до 12.30 часот денеска ќе одржат вработените во Царинската управа. Имаат единствено барање – да почне исплатата на додатокот од 30 проценти, кој законски им следува. Како што најавија, доколку не им се исполнат барањата и тие ќе организираат генерален штрајк.

„Вработените во Царинската управа, веќе со години наназад имаат право на додаток од 30 отсто, но тие тој додаток не го добиваат, а министерот за финансии си обезбеди 30 отсто покачување на платата во Министерство во финансии и во други институции. Затоа решивме да направиме предупредувачки протест, да побараме исплата на додаток на плата за вработените во Царинската управа, кои го полнат буџетот со повеќе од 51 отсто секоја година. Знаеме дека има нов директор, чекаме да дојде, чекаме прием, да видиме дали ќе нѐ сослуша. Не се откажуваме од барањето и не нѐ интересира дали има нов или стар директор“, велат од Сојузот на синдикати.
Протестот на цариниците, предупредија синдикалците, е прв во низата протести што ќе следуваат во периодот што следи, кои ќе се преслика и во сите институции и со што ќе се реализира, како што рече, најавуваното жешко синдикално лето.

Неделата на протести и предупредувачки штрајкови ја „отворија“ вработените во Управата за јавни приходи. И овие вработени бараат почитување на колективниот договор и подигнување на платите слично на вработените во Министерство за финансии кои по неколкунеделни протести за време на работната пауза, добија повисоки плати. Вработените во УЈП секој ден од 10.00-12.00часот ќе протестираат на своето работно место.


Во неделата што изминува и вработените во судската администрација излегоа на мирен едночасовен протест пред Основниот Кривичен суд во Скопје со барање за враќање на додатоците на плата до 35 отсто и итно донесување на законот за судска служба. Посочија дека ако има 78% повисоки плати за функционерите и судиите и тие побараа повисоки плати. Доколку не им се исполнат барањата најавија „бел штрајк“.
Сите се надеваат на средба со министерот за финансии и министрите одговорни за нивната работа, но Владата засега за сите нив има генерален одговор – дека се подготвува нов колективен договор за сите вработени во јавната администрација.

Фото насловна: граничен премин Србија-Македонија, сопственост на царинска управа рм


1090