April 16, 2024

Основното јавно обвинителство од Битола ги распрсна надежите за Правда за Јана, оптеретувањето на организмот со инфузија не била причина за смртта

Вечерва пред портите на зградата кадешто е сместено основното јавно обвинителство во Битола се одржа мирниот протест „Правда за Јана“.

Младите Христина и Стојче веруваат дека семејна династија во лекарско-обвинителското миље во Битола ја спречува правдата за нивната Јана, и вака и ја објаснуваат јавно-обвинителската одлука да биде прекината истрагата (или предистрагата) еден ден откако до нив преку ОЈО Битола бил испратен извештајот од судска медицина и правниот застапник на семејството испратил барање за вештачење на компјутерот во болницата. „На докторката мажот судија, свекор му обвинител во пензија, обвинителката во случајот-татко му доктор и овој од судска медицина и неговиот татко не знам што бил… некаков доктор …тоа е системот, во оваа држава без пари, без пријатели апсолутно не можеш ништо да направиш“ – вели тажно разочарано Стојче Христовски.


На протестот повторно беше побарана одговорност од медицинскиот персонал кој пружал медицинска помош на Јана во Клиничка Болница Битола. За разликата во времето на смртта меѓу одделенскиот доктор и анестезиологот веруваат дека свесно намерно два часа откако Јана била покриена со бел чаршаф и од одделението за педијатрија однесена на одделението за реанимација и интензивна нега, докторите ги прикриваа доказите затоа што знаат каков материјал е потребен и што се испитува кога некој од нив е под сомневање за кривично дело. Фактот пак што и двете институции – Државниот здравствен инспекторат кој правеше своја истрага за почитувањето на протоколите и административните чекори од страна на здравствениот персонал во битолската болница и Институтот за судска медицина- предизвикувачот на наводната здравствена состојба на Јана ја лоцираат во вирус којшто не го именуваат, создава дополнителен револт кај членовите на семејството на Јана. Не веруваат дека има „непознат вирус“ кој е причинител за смртта.
Уверени се и дека исказите на медицинскиот персонал не кореспондираат со вистината, особено затоа што: мајката Христина за цело време од престојот на девојчето на болница била со неа и покрај неа, а обвинителството го ценел исказот на докторката кој вели дека во два наврати направила проверка на својата мала пациентка.


На интернет страната на битолското Основно јавно обвинителство нема информација која би го потврдила впечатокот дека истрагата е прекината. Напротив, во кусите објави во некои од медиумите стои забележана подготвеноста на обвинителството за разгледување на сите иницијативи за дополнителни проверки најавени од адвокатот Јанаки Митровски. Во тек на своето работење, ОЈО Битола направиле распрашување на сите од медицинскиот персонал и здравствените работници, а нивната оценка дека нема елементи на кривичното дело „Несовесно лекување на болни“ од чл. 207 од Кривичниот Законик или некое друго кривично дело што се гони по службена должност се базира на извештајот на Институтот за судска медицина.

Според овој извештај смртта кај Јана настапила по срцев удар резултат на постоење бронхо-пневмонија. Што експертите од Институтот ги води до заклучокот дека дадената инфузија не го оптеретила кревкиот организам, а третманот на високо присуство на шеќер во крвта третирано со гликоза , нема причинско-последична врска.

Родителите на Јана следните чекори ќе ги планираат со својот правен застапник, а излезот од безнадежноста засега го насочуваат со размислата за продолжување на животот надвор од Македонија. Огорчени се од односот на државата кон нив, а зборуваат и во името на сите кои ја споделуваат разочараноста од како што велат нефунционалното здравство и нефункционалното обвинителство кое во моментов го гледаат како пречка до правдата за нив и нивното сега мртво дете.


1185