ЈКП „Водовод“ на терен – ги бара и наоѓа дивите корисници

Битолчани од вчера имаат превентивни посети од тимови на ЈКП „Водовод“ кои ги потсетуваат на рационално користење на питката вода што се добива од нивната мрежа.
Од ова претпријатие летово предупредија дека е забележано нерационално користење на водата преку наводнување на ниви, бавчи, пластеници како и полнење на базени во овие денови кога потрошувачката летно е зголемена, но и класична злоупотреба на водата, преку диво / нелегално приклучување.


Во само две теренски прошетки екипите на ЈКП Водовод од Битола откриле еден див приклучок.
„Нелегалниот приклучок го откривме по пријава од граѓани, направивме проверка и ја потврдивме состојбата, па сега ги преземаме законски определените чекори за тој корисник кој веќе е исклучен од водоводната мрежа“ – рече денеска во телефонски разговор за pelanet.mk Пеце Милевски, директор на ЈКП „Водовод“.
Се работи за нелегален корисник во колективна станбена зграда кој питката вода ја користел за наводнување на зелените површини и асфалтираниот пат пред зградата. „Ваквите активности создаваат проблем во притисокот на водата, до целосно прекинување во водоснабдувањето кај некои од корисниците што уредно се приклучиле и ја плаќаат сметката за потрошената вода“ , вели Пеце Милевски, директор на ЈКП Водовод.


Ваквиот случај не е единствен. Честа е злоупотребата на водата во летните месеци за наводнување на градини или полнење на приватните базени, што доведува до потешкотии во водоснабдувањето – намалување на водниот притисок до корисниците. Потешки, дури и кривично одговорни се ситуациите во кои граѓани самостојно се приклучуваат на водоводната мрежа и предизвикуваат нејзин дефект.
Екипи на ЈКП “Водовод“ на терен ќе ги забележат дивите корисници, а потоа , според законската регулатива и надлежност, регистрираната кражба треба да ја решат во соработка со комуналните инспектори и органите на прогон.
И покрај летната зголемена потрошувачка на вода, водоснабдувањето се одвива континуирано и без проблеми во општина Битола, а населението добива хемиски и бактероиолошки исправна, вода за пиење.
„Тие кои вршат кражба на вода не го крададат ЈКП Водовод туку нас граѓаните, кои редовно ги плаќаме нашите сметки“, вели Милевски за pelanet.mk

Фото: сопственост ЈКП Водовод


1562

Задолжително

Verified by MonsterInsights