Коњановски: Пари има, изработивме и проекти, сега на ред е Советот

Градоначалникот на Битола преку средба со медиумите и презентација на изводот од трансакциската сметка на Општина Битола и листа на прифатените амандмани за ребалансот на буџетот што беа предложени од советниците на 29 седница, ги разби сите гласини и партиски коментари кои говорат дека касата на Општината е празна.

Во своето обраќање до јавноста градоначалникот Коњановски рече:

Во интерес на граѓаните и спречување на ширењето лаги, со кое се занимаваат СДСМ и Поинаку изминатите денови, денес јавно и траснпарентно, сакам да ја известам јавноста за неколку работи:

На сметката на општинскиот буџет во моменот има, 184.029.536 денари, што комплетно ги отфрла сите лажни обвинувања кои вчера беа пласирани во јавноста: дека општинската каса е празна.

Пари има почитувани граѓани, изработивме и проекти, но сега на ред е Советот, преку усвојување на новиот ребаланс на буџетот да овозможи реализација на проектите и поддршка за напредок на Битола во сите области, кои се во надлежност на локалната самоуправа. Јас како градоначалник и општинскиот совет, имаме обврска да поддржуваме развој, а не општината да ја претвориме во штедилница.

Имајќи предвид дека упорно се манипулира јавноста за некаков криминал, не се закажува седница, се тактизира, а работните тела сеуште, немаат усогласен став во однос на новиот ребаланс на буџетот кој го доставив до советниците, а во кој се вклучени најголемиот дел од нивните амандмани, денес јас и граѓаните на Битола, очекуваме одговори за спортот, капиталните инвестиции, животната средина и други проекти.

  • Дали со незакажувањето на седница за ребаланс на буџетот, советниците се против поддршка на ракометниот, кошаркарскиот и фудбалскиот клуб? Дали, општината не треба да дава поддршка на професионалниот спорт?

Откако, по барање на советничката група Поинаку, по законски пат склучивме договор со м-заедница, за да на крај се покаже дека м – заедница неможе професионално да го спроведе електронското аплицирање за клима уреди, дали сега треба да ги оставиме граѓаните без најавеното субвенционирање?

Мојот став е јасен: Субвенции треба да добие секој граѓанин кој од првиот ден до последната минута на последниот ден, доставил комплетна документација.

Во интерес на граѓаните, очекувам јасен и јавен став од работните тела во Советот и по однос на ова прашање.

Ќе потсетам дека, со новопредложениот буџет од моја страна, не станува збор за некакви анекси за улици, туку за реализација на нови проекти и тоа:

  • Изградба на влезот во Битола од страната на Охрид и дополнување на проектот за реконструкција на улица Довлеџик со кружен тек
  • Реконструкција на влезот од Прилеп и реконструкција на улицата Владимир Назор
  • Изградба на нова улица кај Дулие (каде што ќе се гради новиот маркет ЛИДЛ)
  • Реконструкција на улица Булевар 1 мај (јужна страна од Црн мост до Бранко Радичевиќ)
  • Доизградба на улицата СРУ 5, како и улицата СТУ 3
  • Реконструкција на коловоз на улиците: Даме Груев, 7 ма бригада, Димитар Тодоровски, дел од улица Индустриска, дел од улица Никола Тесла, од улица Влатко Миленковски до Булевар 1 ви Мај, Гаврило Принцип, Леринска, улица Буковски мост.
  • Изготвување на проектна документација за реконструкција на јужната трибина на Стадионот Петар Милошевски, како и за изградба на спортски игралишта во ОУ Елпида Караманди.

За сите граѓани кои сакаат да имаат увид на амандманите од советниците и нашето постапување, јавно ќе биде објавена детална листа. Нагласувам прифатени се скоро сите, освен амандманот за бесплатна детска градинка, кој во овој момент не овозможува рамноправност на сите граѓани кои имаат потреба од згрижување на дете во детска градинка.

Амандманите се прифатени и покрај тоа што, согласно Деловникот за работа на Советот на општина Битола, не е предвидено предлагање на амандмани од страна на советниците. Овој состав или некој претходен, имал можност да направи промена на Деловникот и по примерот на други општини, да овозможи поднесување на амандмани.

Иако, општинската администрација, се обиде да постапи согласно член 27 од Законот за буџети, да ги усогласи приходите и расходите на барање на Советот, ребалансот на Буџетот од месец јули не беше вчитан, поради надминувањето на законски дозволената рамка.

Во консултација со Министерството за финансии, укажувам дека, во ваквата ситуација, за да се усвои новиот предлог ребаланс на буџетот, Советот на Општина Битола на првата наредна седница би требало да донесе Одлука за ставање вон сила на Измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Битола за 2023 од 11.07.2023 година, објавени во „Службен гласник на Општина Битола“ број 11 или да ги донесе новите измени и дополнувања на Буџетот на Општина Битола за 2023 година, кои што се веќе предложени од моја страна, во кои би била содржана одредба според која со нивното донесување и влегување во сила ќе престанат да важат Измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Битола за 2023 година од 11.07.2023 година, кои не се во согласност со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и не можат да бидат вчитани во трезорот.

Тоа значи дека и да не се усвојува новиот предлог ребаланс на буџет, неопходно е веќе донесениот, а не вчитан буџет, да се стави вон сила.

На крај: Општина Битола има финансиски средства кои во моментот не може да ги користи за нови финансирања и нови проекти. Очекувам јавен и јасен став од Советот за секое од наведените прашања:

Ќе има ли Битола капитални проекти, спорт, култура, обновен планинарски дом Копанки, субвенции за сите апликанти на повикот за клима уреди?

Битолчани, нашите сограѓани ги очекуваат одговорите кои ќе бидат потврдни само доколку конечно биде закажана седница за усвојување на законски ребаланс на буџетот.

Пари има, а тоа граѓаните ќе го имаат постојано на увид, како и програмите за вложување. Повикувам на надминување на партиските интереси и работа во интерес на Битола.“


1239