КОЈ И ЗОШТО ГИ ИЗВИТОПЕРУВА ФАКТИТЕ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ НА 8ми СЕПТЕМВРИ 1991???

А од тој историски датум – 8ми септември 1991 година, мој впечаток е – како непосреден сведок и директен учесник на тој настан, дека некои структури во земјата како да настојуваат да го минимизираат неговото значење и свесно да извитоперуваат фактите за случувањата на тој ден пред 32 години!

Три датуми за нас македонците во периодот од изминативе 120 години се од исклучително значење: 1. Илинденското востание 1903 кoгa македонскиот народ со оружје в’рака се крена против Отоманското ропство; 2. Вториот Илинден кога на 2 август 1944 година кога  на Првото заседание на АСНОМ се поставиа темелите на македонската држава и 3. Третиот Илинден – 8 септември 1991 година кога Македонскиот народ во Републиката, но за прв пат и во дијаспората, речиси плебисцитарно на референдум гласаше за прогласување независна држава Македонија, на слободниот дел од етничка Македонија, во Републиката!!!

И денес ми се свежи сеќавањата на тој 8ми септември 1991 и до тогаш невидениот изблик на радост и воодушевување на народот во центарот на Скопје од триумфалните резултати од референдумот со што конечно станавме свои на своето и се остварија соништата но и свеста за огромните жртви дадени за идејата за слободна и независна македонска држава.

Но вознемирува впечатокот дека некои структури во земјата, а не исклучувам и влијанија од странство, од година во година сосема очигледно настојуваат да се омаловажи тој чин, во стилот како во претходниот режим со ретуширање на настаните и извитоперување на фактите, во прв план игнорирајки ги заслугите и одработеното на Првата влада на независна Македонија што ја предводеше премиерот акад. Никола Кљусев. Да се разбереме, никој не  ја спори улогата на Собранието на РМ кое донесе одлука за организирање референдум за независност, но организацијата и целостаната реализација на референдумот беше од страна Владата на акад. Кљусев и нејзините министерства и органи. Токму овој факт години нанадзад некој очигледно упорно настојува да го избрише од колективната меморија на Македонецот, да ги прикаже работите во друго светло според правилото: сто пати повторена невистина стекнува статус на вистина!?

Неспорни се фактите дека: a)  Партиите на албанците во Македонија го бојкотираа Референдумот за независност и воопшто не учествуваа во неговата реализација; б) Припадниците на партијата СДС-ПДП, денешниот СДСМ кои глумат дека се државотворна партија, беа индиферентни и без ентузијазам кон чинот што го уприличивме на 8ми септември 1991, а ги немаше ни на свечената трибина вечерта на Градскиот плоштад во Скопје кога беа соопштени резултатите од референдумот, в) Претседателот на Собранието на РМ, лицето Стојан Андов (С.А.)  дезертираше на тој ден и воопшто не се појави ниту да гласа, ниту било каде во јавноста!

Го споменувам Андов посебно бидејки  годиниве наназад токму него го истакнуваат како небаре најзаслужен за тој настан, но вистината е сосема друга! Со покојниот акад. Кљусев често пати се навраќавме на Референдумот од 8ми селтември 1991. Во една прилика ми kажа, го парафразирам: дека наводно тогашните потсекретари во МВР го известиле дека во командата на Третата воена област каде денес е Министерството за одбрана, имало некаква “глува соба”, што демек не можело да биде озвучена, но нашите служби сепак успеале да подметнат уреди за прислушкување и била снимена средба на лицето С.А. со генерали на КОС, кои го убедувале дека “доколку референдумот не услее можно е ВМРО да прави нереди, па дури и да има пушкарења” и го советувале тој да се повлече некаде, а кога ситуацијата ќе се смири тие (КОС) повторно ќе го врателе на политичката сцена!? Ете, затоа лицето С.А. дезертираше од Референдумот и се криел некаде на потегот Богданци-Валандово тој историски ден 8ми септември 1991.

Но изминативе години токму тоа лице С.А. беше главна ѕвезда во давањето изјави за настаноит на којшто тој самиот не учествуваше, а неколку пати се монтираа сцени како тој влегува во некоја празна просторија со маса и на неа гласачка кутија во која тој пушта празно ливче и небаре гласа!? С.А. беше и ѕвезда на приемите што ги приредуваше по повод 8ми септември актуелниот претседател на Собранието, а кога неколку пати му протестирав што ги игнорираат членовите на Експертстака влада, па и на првиот пратенички состав, минатата година ми прати покана за прием, но со дваесетина дена задоцнување, демек во стилот на онаа народната:”Те канам за да не ми дојдиш”.

Збор-два за мојата улога во организацијата на Референдумот 1991. Министерството за информации што го раководев јас, организираше прес-центар во Собранието за околу 350 акредитирани новинари, од тоа деведесетина од странство, со сите технички помагала, телефонски кабини и сл. Организиравме бројни прес-конференции каде ги презентиравме резултатите како што пристигнуваа и на кои се појави речиси целото државно раководство и министри од Владата на акад. Кљусев, но не стапна ниту еден член на СКМ-ПДП, ни на партиите на албанците во Македонија, а се разбира ни отсутниот по совет на КОС претседателот на Собранието Стојан Андов.

Би сакал да слушнам дека институциите што научно го проучуваат македонската националнално минато, пред се Институтот за национална историја и МАНУ, да се позанимаваат со проучување до последен детал на Референдумот за независност, за мотивите и ефектите на неговото организирање, особено од денешен аспект на случувањата и притисоците со коишто се соочува нашата земја, за да не биде предоцна! Бидејки, повеќе од половина членови од Првата /Експертската/ влада на независна Македонија и голем број пратеници од првиот состав во Собранието на РМ, не се веќе меѓу нас!

М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор


1249