Отворено 32 издание Интерфест – фестивалот на класична музика

Фестивалот го отвори градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, кој истакна дека Битола повторно ќе биде домаќин на бројни гости, чии настапи ќе бидат наградени со силни аплаузи, како потврда за покажаниот ентузијазам на организацијата и исполнетите очекувања од публиката.

„Воодушевувачкото поврзување на убавината, музиката и уметноста, вечерва по 32-ри пат ќе одекне токму од градот на клавирите, од нашата прекрасна Битола, благодарение на неуморноста и одличната организација на брачниот пар Милица Шперовиќ Рибарски и Кирил Рибарски, кои над три децении го одржуваат, негуваат и растат угледот на Интернационалниот фестивал на класична музика Интерфест.

Културните епитети кои ги поседува Битола, надалеку прозвучуваат низ ваквите големи манифестации, меѓу кои за нас, посебно место и значење има овој фестивал, во кој на необично структуриран начин, уметничкиот израз допира до секој посетител.

Со посебна грижа кон традицијата и промоција на културните вредности, како локална самоуправа и годинава даваме поддршка на фестивалот, кој низ годините ги надминал сите предизвици и останал достоен промотор на Битола во светски рамки.

Успешната приказна на магичниот звук и прекрасната игра, може да започне“, рече градоначалникот на Битола.

Камерната комична оперска претстава, „Рита” од Гаетано Доницети на Македонска опера и балет „Рита” го отбвори ова издание на престижниот битолски фестивал. Тоа е приказна за младата и убава Рита, вплеткана во сплетките и интригите, на брачните недоразбирања, со комичен, но среќен завршеток.

Фестивалските содржини ќе траат до 12 октомври.


1233