Викендов санкционирани 723 возачи, во Битола откриена дрога, во Крушево спасена жена

Во текот на вчерашниот ден (15.10.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 723 возачи. Од нив 42 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а шест возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 423 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 300 надвор од населено место.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.

На 15.10.2023 во Битола, полициски службеници од криминалистичката полиција на СВР Битола во координација со Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при МВР ги лишиле од слобода М.С.(42) и 30-годишната С.К., двајцата од Битола.
При претрес во домот на М.С., извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени нож и други предмети со остатоци од дрога и пари во различни апоени и валути за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Додека, при претрес во домот на С.К., извршен исто така со судска наредба, биле пронајдени одземени кокаин, грутчеста материја, куршуми и пари во различни апоени и валути за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело.
Двајцата биле задржани во полициска станица и по документирање на случајот, до Основното јавно обвинителство Битола, против нив е поднесена кривична пријава по член 215 од Кривичниот законик за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

Во саботата пак околу 21.15 часот во ОВР Крушево било пријавено дека 68-годишна жена сака да се фрли во езерото во близина на Крушево.
Полициски службеници се упатиле кон езерото и ја затекнале жената кога скокнала во езерото. Веднаш полицискиот службеник од полициската станица од општа надлежност Крушево, Н.П. скокнал во езерото по неа и ја спасил, по што е пренесена во Здравствен дом Крушево.

Извор: МВР/ СВР Битола

Фото насловна Крушевско езеро


1259