На 23 октомври во 1893 година во Солун е основана Внатрешната Македонска Револуционерна Организација (ВМРО), со цел ослободување на Македонија преку револуционерна борба.

Основите на Организацијата се поставени на 5 ноември 1893 година (23 октомври – според стариот календар) во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун. На основачкиот состанок присуствуваат: Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџа, Ениџе Вардарско.


Животот на македонскиот народ особено се влошил по одржувањето на Берлинскиот конгрес. Со добивањето на независност на соседните балкански држави(Србија, Бугарија, Романија,Босна и Херцеговина) територијата на Македонија се претворила во погранична територија во османската империја.На територијата на Македонија од новопрогласените независни балкански држави се доселиле голем број бегалци-мухаџири. На овие бегалци муслимани од страна на османската власт им биле давана најдобрата обработлива површина поради што уште повеќе се продлабочил јазот на незадоволставо кај македонскиот народ. На сето тоа уште се надоврзале и тешката економска криза, нападите од арамиските банди како и силните пропаганди од страна на соседните држави. Сите овие фактори придонеле да се создадат услови за создавање на една македонска организација чија цел ќе биде ослободување на македонскиот народ од османска власт.

ВМРО била формирана на 23 октомври 1893 година во Солун во куќата на Иван Хаџи Николов. Нејзини основоположници биле: Христо Батанџиев, Даме Груев, Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов, Петар Поп Арсов и Антон Димитров. На основачкиот состанок се разговарало за идната политичка работа во Македонија и неопходноста за организирана работа во неа. За оставарувањето на таквата цел групата сметала дека централно место на дејствување треба да биде градот Солун.

Организациона поставеност, Устав и Правилник на организацијата

Една година подоцна од формирањето бил одржан нов состанок на кој што организацијата била конечно оформена.На овој состанок во 1894 година бил донесен Уставот на организацијата кој го изработил Петар поп Арсов. На овој состанок бил избран и првиот Централен комитет на чело со Д-р христо Татарчев за претседател и Даме Груев за секретар на организацијата. Според Уставот оваа организација била тајна и во неа можел да членува секој кој што се залага за Автономна Македонија како преодна фаза до конечното ослободување, без разлика на полот, верата и народноста. Во текот на истата година бил изработен и Правилник од страна на Иван Хаџи Николов. Организацијата свои мрежи имала по сите македонски градови и села, а во неа членувале и луѓе од различни националности.

Голема улога во ширењето на ВМРО имал Гоце Делчев. Гоце Делчев е роден во Кукуш во 1872 година каде завршил основно образование. Гимназија завршил во Солун, а потоа се запишал на воена академија во Софија. Оттука бил избркан поради немирниот дух и револуционерни идеи. По исклучувањето од военото училиште дошол во Штип каде бил поставен за учител. Тука за прв пат се сретнал со Даме Груев преку кој дошол во допир со ВМРО. Гоце Делчев веднаш се вклучил во организацијата и зазел важно место во нејзиното ширење. Обиколувајќи ја територијата на Македонија успеал да формира голем број на месни комитети кои успеал да ги снабди со оружје и муниција и да го подготви народот за востание.

Солунскиот конгрес на организацијата и неговото значење

Во Солун во 1896 година бил одржан конгрес на ВМРО на кој присуствувале 16 делегати. На овој конгрес бил донесен нов Устав и Правилник кои биле изработени од Гоце Делчев и Горче Петров.

За полесно раководење сета територија на Македонија била поделена на 6 окрузи и тоа: Солунски, Скопски, Битолски, Струмички, Одрински и Серски. Окрузите биле поделени на околиски и селски комитети.

За подобра комуникација со македонската емиграција во Софија било создадено Задгранично претставништво чие седиште било во Софија, а први претставници биле Гоце Делчев и Ѓорче Петров.

Била создадена тајна полиција и револуционерни судови на теренот, а организацијата издавала и свои весници: Бунтовник, Дело, На оружје, Слобода или смрт и др.

Од 1898 година ВМРО пристапила кон создавање на свои вооружени сили за чие формирање бил задолжен Гоце Делчев. Во почетокот четите лично се вооружувале, а додека подоцна се основале неколку работилници за правење на оружје и муниција. Со наголемувањето на бројот на четите се зголемувала и потребата од вооружување. При недостиг на финансиски средства често се случувало киднапирање на некој богат Турчин или на некој друга богата или значајна личност од страна на организацијата за да се дојде до пари за купување на оружје и муниција. Таков е случајот со грабнувањето на протестанската мисионерка Мис Стон од страна начетата на Јане Сандански. Овој настан го зголемил моралниот и политичкиот авторитет на МРО, поради тоа што по ослободувањето самата мисионерка проговорила пред светската јавност дека членовите на МРО не се бунтовници како што ги опишуваат турските власти туку борци за слобода. Мисионерите со свои очи виделе кој се бори и какви се страдањата на македонскиот народ.

Паралелно со развитокот на ВМРО турската власт почнала постепено да ги открива тајните на Организацијата, што ќе резултира со повеќе провали, апсењана на поединци, групи и цели комитети.

Првата провала се случила во Битола во 1896 година кога во вреќите со ориз на Доне Стојанов од Штип биле пронајдени неколку бомби пренесувани од Штип за Битола. Доне Штипјанчето ќе биде забележан во македонската историја по својата револуционерна нескршливост поради тоа што не предал ништо што се однесува на ВМРО. Треба уште да ги спомнеме Виничката, Радовишката, Битолската во 1900 година во која бил уапсен Даме Груев и најтрагичната по македонското ослободително движење е Солунската провала од 1901 година кога биле уапсени поголем дел од членовите на ЦК на ВМРО како: Пере Тошев, Христо Матов, Христо Татарчев и др.

Провалите му нанеле огромна штета на македонското револуционерно движење, меѓутоа самата појава на провалите низ целата територија на Македонија укажува на постоењето на една силна револуционерна организација која работела за конечното ослободување на македонскиот народ.


Иван Хаџи Николов
Роден е на 24 декември 1861 година во Кукуш. Основното образование го добил во Кукуш. Продолжил во Пловдив и Свиштов и завршил високо трговско училиште во гр. Линц (Австрија). Бил учител во Костенец, Воден, Кукуш, Лерин и во Солунската гимназија. Во 1893 година отворил книжарница во Солун и ја напуштил гимназијата. Тој е еден од основачите на ТМОРО во неговата куќа на 23 октомври 1893 г. и член на ЦК до јануари 1901 година, кога бил затворен со другите членови од ЦК и заточен во Подрум-Кале (Мала Азија).
По амнестијата 1903 год. се преселува во Софија и се занимава со книговодство и трговија. Заболен и душевно растроен, се самоубива на 9 јули 1934 година

Христо Татарчев
Основно образование завршил во родниот град. Шести клас на гимназијата завршува во Пловдив. Поради конфликтот со школските власти како претседател на друштвото на учениците во гимназијата не му било допуштено да го полага својот годишен испит и со тоа прекинало неговото натамошно школување.

Студирал медицина во Цирих- Швајцарија и Берлин. Студиите ги завршил 1892 година. По враќањето во Македонија бил поставен за школски лекар во машката и женската гимназија во Солун.

Д-р Христо Татарчев е еден од учесниците на основачкото образование на 23 октомври 1893 година во Солун на ВМОРО, заедно со уште Иван Хаџи Николов, Петар Поп Арсов, Даме Груев, Антон Димитров и Христо Батанџиев. На основачкото собрание бил избран за прв претседател на Централниот Комитет. Учесник е во работата на Солунскиот конгрес на Организацијата од 1896 година. На таа функција останува до 1901 година. Тогаш заедно со другите членови на Централниот комитет е уапсен од турската власт. Осуден е на пет години затвор. Бил осуден во Подрум Кале. Овде останува до 19 август 1902 година кога по силата на една амнестија е ослободен од натамошно издржување на казната.

На враќање од Подрум Кале на 30 август 1902 година, во Грција бил уапсен под обвинување дека соучествувал во убиството на некој грчки лекар во Гуменџе. Под притисок на јавноста во Бугарија е ослободен. При крајот на 1902 година е именуван за член на Задграничното претставништво на Организацијата во Софија.

Во востанието непосредно не учествува. Својата работа во ВМОРО ја продолжил и по Илинденското востание. Не бил избран за делегат а според тоа и не зел учество на Рилскиот конгрес во октомври 1905 година. По конгресот повеќе не е член на Задграничното претставништво на ВМОРО. Блиско соработувал со десната струја во Организацијата, за кое бил остро критикуван од Ѓорче Петров и исфрлен од раководството на ВМРО.

Во текот на јануари 1919 година ги споделува мислењата на групата од „Бившата ВРО од Западна Македонија“. Не го потпишал нејзиниот Апел од 9 март 1919 година само затоа што според него не било доволно интонирано националното прашање. Во периодот помеѓу двете светски војни се оддава на публицистиката. Работи на своите спомени. Извесно време по војната живеел во Италија. Во времето на окупацијата живеел во Ресен. Бил близок пријател на Иван Михајлов и по војната заминал во Бугарија од каде во 1949 година оди повторно во Италија каде умира на 2 јануари 1952 година.

Петар Поп Арсов
Роден е во 1868 година во с. Богомола, Велешко. И тој бил меѓу исклучените ученици од Солунската егзархиска гимназија, кои се префрлиле во Белград, но оттаму, како и Даме Груев, се вратил назад и студирал во Софија каде дипломирал филологија на Софискиот универзитет. Во 1893 година, како професор во Солун, учествувал во создавањето на МРО и станал член на нејзиниот прв ЦК. Тој бил задолжен да го состави и првиот Устав на Организацијата.
За време на Виничката афера, П.П.Арсов бил уапсен и одведен на петгодишно заточение во Подрум-Кале (Мала Азија). Во периодот по Илинденското востание и припаѓал на т.н. левица. Бил еден од тројцата задгранични претставници избрани на Рилскиот конгрес на ВМОРО, во 1905 година. За време на Хуриетот живеел и работел во Скопје.
По Првата светска војна тој живеел во Бугарија и работи како прогимназиски професор во с. Костенец а публикувал и повеќе прилози.
Петар Поп Арсов умрел на 1 јануари 1941 година во Софија.

Антон Димитров
Роден во 1867 година во с. Ајватово (Солунско). Студирал право на Вишото училиште во Цариград, а потоа и на Универзитетот во Лиеж (Белгија). По завршувањето на студиите извесно време работел како професор по турски јазик во Егзархиската гимназија во Солун, а подоцна како адвокат и судија во Битола и Цариград.
Антон Димитров е еден од основачите на МРО односно ТМОРО во 1893 година.
По Првата балканска војна, Антон Димитров се населил во Софија (Бугарија), каде заземал високи позиции во Министерството за правосудство (1915/18) и Министерството на надворешните работи (1918/20).
Умира на 13 март 1933 година во Софија.

Даме Груев

Роден е на 17 декември во 1871 г. во с. Смилево, Битолско. Своето образование го стекнал во Смилево, Битола и Солун а потоа во Белград и Софија. Бил учител во Смилево (1891/92), во Прилеп (1892/93), коректор на печатницата на Самарџиев во Солун (1893), учител во Штип (1894/95, училишен инспектор во Солун и пак учител во Битола.
Тој е иницијатор и учесник при формирањето на ВМОРО во Солун на 23 октомври 1893 г. и е избран за секретар-касиер на Ц.К., но фактички тој е главниот раководител на организацијата во внатрешноста. Во 1897/1898 г. е интерниран од Солун во Битола. Поради таканаречената попставрева афера во Битола на 6 август 1900 г. е уапсен и осуден на 10 г. затвор. Пролетта 1903 г. е амнестиран. На Смилевскиот конгрес во април 1903 год. е избран за член на Главниот штаб на востанието во Битолскиот револуционерен округ. После востанието останува во Македонија и се зафаќа со обновување на разнишаните основи на Организацијата. Во октомври 1905 г. учествува на Рилскиот конгрес и е избран за член на ЦК на ВМОРО.
Загинува на 10 декември 1906 год., во борба со турска потера кај с. Русиново, Малешевско.

Христо Батанџиев
Роден е во Гуменџе, Ениџевардарско. Христо Батанџиев отпрво работел како учител, а потоа бил секретар во солунската општина и Егзархиската Митрополија во Солун. Како патриот, загрижен за судбината на Македонија и пристапил на групата македонски интелектуалци – истомисленици, со кои во Солун ја основале Македонската револуционерна организација.
Загинал заедно со архимандритот Евлогиј во јуни 1913 година, бил фрлен и удавен во морето од Грците.

Гоце Делчев
Гоце Делчев е роден во Кукуш на 23 јануари 1872 год. Основното образование го завршил во родниот град, а гимназијалното во Солунската машка гимназија. Во пролетта 1892 година стапил во Военото училиште во Софија. Оттаму е исклучен на 16 септември 1894 г. и есента истата година е назначен од егзархијата за учител во Ново Село – Штип, каде што работи две години и целосно му се посветува на револуционерната дејност. Преместен е во Банско, но, подозрив од властите, принуден е да го напушти учителствувањето и да стане нелегален апостол.
Од крајот на 1896 год. до 1901 год. заедно со Ѓ.Петров тој е задграничен претставник на ВМОРО во Софија.
Г.Делчев непосредно учествувал во изработката на вториот устав на ВМОРО во 1896 година, со кој настапи нова, повисока фаза во развитокот на македонското-ослободително движење.
На Гоце Делчев му припаѓа заслугата за создавањето на организацијата во Штипско, Кочанско, Радовишко, Струмичко и Кукушко. Тој ги организира и првите канали на организацијата, по кои се пренесува организационата пошта, агитациони материјали и оружје. Создава погранични пунктови во Ќустендил, Дупница, Самоков, Кавакли и други места. Се создава и курирска служба, во употреба се воведени и шифри, хемиско мастило и псевдоними. Така под раководство на Г. Делчев се оформи организационата структура.
Загинал на 4 мај 1903 година во борба со турскиот аскер, во с. Баница, Серско.

Ѓорче Петров
Роден е во 1864 година во с. Варош, Прилепско. Образованието го стекнал во Прилеп, Битола и во Солунската егзархиска гимназија од каде во 1885 година бил исклучен заедно со дванаесетина другари. Учителствувал во Штип, Скопје, Битола и Солун (1895-1897). Додека учествувал во Битола станува и член на ТМОРО. Основач е и главен редактор на весникот „Бунтовник“. Во 1895 година доаѓа во Солун, и веднаш станал член на ЦК. Во 1896 година ја публикувал својата книга „Материјали за проучување на Македонија“. Во 1896 година, заедно со Гоце Делчев го изработиле Уставот на ТМОРО.
Од 1896 до 1902 година, заедно со Гоце Делчев, бил задграничен претставник на ТМОРО во Софија.
За време на Илинденското востание учествувал со голема чета во борбите во Прилепско-мариовскиот крај. Учесник е на Прилепскиот (1904), Струмичкиот (1905) и Рилскиот конгрес (1905), На Рилскиот конгрес на ВМРО бил избран повторно за член на Задграничното претставништво во Софија.
Убиен бил на 28 јуни 1921 година во Софија.


1256