Повелете во Битола, градот на Ајри Демировски
Повелете во Битола, градот под Пелистер, најопеаниот град на Балканот, градот на конзулите, клавирите, пајтоните, серенадите, според многумина, најградскиот град во Македонија!
Повелете во градот на Ајри Демировски!
‘‘Срцето два пати ми е откорнато од градите. Еднаш во 1955 година кога заминував од Битола и уште еднаш кога од Истанбул заминував за Измир. Ама тоа, засекогаш ќе остане во Битола” – рече првиот почесен граѓанин на Битола по осамостојувањето на Македонија, композиторот и пејач Ајри Демировски, при неговата последна посета на Битола во 2008 година.
Претходно, на Свечена седница на Советот на Општина Битола, Ајри Демировски ја доби престижната Плакета ‘‘Почесен граѓанин на Битола‘‘. Беше прогласен и за личност на векот, а песната ‘‘Битола мој роден крај‘‘ за химна на градот.
Тој секогаш со задоволство раскажуваше како е создадена ‘‘Битола, мој роден крај‘‘.
„Во 1944 година додека го учев графичкиот занает во Загреб, едно утро ме фати носталгија за Битола. Времето беше тмурно, па се сетив на сончевиот југ. Како од душа ми потекоа стиховите и за неколку минути ги напишав на хартија. Песната ‘‘Битола мој роден крај‘‘ премиерно ја изведов пред битолската јавност во 1950 година на една градска свеченост пред Народниот театар. Народот ја прифати и запеа со мене“.
Ајри Демировски е роден во 1927 година во Битола. Како млад го изучувал берберскиот занает кај Вангел Тодоровски – Мајорот, подоцнежен народен херој. По ослободувањето бил првиот ученик од Битола испратен во Загреб во графичкото училиште да го изучува печатарскиот занает. Но, во Битола тој никогаш не работел како печатар. Се вработил како чувар во Радио Битола. Работејќи во радиото имал несекојдневна прилика редовно да ги слуша во живо најпопуларните битолски и македонски пејачи. Тоа го поттикнало да почне да размислува во насока на создавање на нова македонска, авторска музика.
Компонирал над осумдесет песни. Негови се популарните: „Мариче ле лично девојче“, „Таму ле мајко близу Битола“, „Само ти се чудам Цвето“, „Сношти те Маре сонував“, „За кого ти цути Дано лицето“, „Денот ми наблиза на гурбет да заминам” и многу други, за кои се смета дека се народни, бидејќи се општоприфатени и пејани.
Секако, најпопуларна е неговата антологиска песна „Битола, мој роден крај“, песна во која ја опеал својата огромна љубов кон родната Битола, песна која претставува неповторлив музички симбол и по која Битола ја препознаваат и распознаваат.
За Турција заминал во 1955 година. Прво живеел во Истанбул, а потоа во Измир каде и почина на 21 октомври 2009 година. Откако Демировски почина, „Битолски весник“ и Општина Битола му го направија и гробот во Измир. Неговото вечно почивалиште го краси стих од „Битола мој роден крај“. Една од неговите последни желби беше, да почива во македонска земја. Му ја исполни неговиот пријател Фадиљ Мерсини, кој дојде во Битола и зеде земја од центарот на градот, од под саат кулата, и ја однесе во неговиот вечен дом во Измир, Турција.
Ајри Демировски физички не е меѓу нас, но останаа неговите дела, неговите песни, неговата безвремена љубов кон родниот крај. Тој ни покажа во ова ‘‘време невреме‘‘ како треба и како може да се сака.
Во негова чест, Градскиот часовник во Битола, секој ден на пладне, не поздравува со неговата најпозната песна.
Во пресрет на чествувањето на Денот на народното востание – 11 Октомври, во 2022 година, на свечена церемонија во Скопје постхумно Ајри Демировски е одликуван со Медал за заслуги, доделен за неговиот придонес во негувањето, популаризацијата и зачувувањето на македонската народна и изворна песна, како и за промоција и афирмација на македонското музичко творештво и културата во интернационални рамки.