ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ „4 НОЕМВРИ“ – НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА ДИМЧЕ МИНОВСКИ

По повод Денот на ослободувањето на градот 4 Ноември, на синоќешната свеченост во Народниот театар во Битола, беа доделени четвртоноемвриските награди, согласно донесената одлука на Управниот одбор на Фондот за наградата „4-ти Ноември“. Свеченоста започна македонската химна, во изведба на Ирена Митревска.

Општинската награда „4 Ноември“ за животно дело за 2023 година, ја додели градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, на ДИМЧЕ МИНОВСКИ – новинар, писател, општественик и хроничар на Битола, заради големото достигнување од областа на новинарството, повеќе од 30 год. е дописник на повеќе новинарски куќи пишувајќи за спортот, историјата на спортот, вршејќи преку 3000 преноси во живо од спортски натпревари и автор на повеќе од 200 емисии посветени на Битола и значајни настани од Битола. Тој е личност која остава неспорни траги во времето и живеењето на Битола, вљубеник во Битола, личност која со својата професионална ориентација го прославил својот роден град надалеку. Целиот свој живот, почнувајќи од 1958 год. до денес непрекинато твори, зборува и пишува за спортот, историјата на спортот, историјата на Битола и придонесува за развој на средината каде се родил, израснал и живеел непрекинато.

Неговиот придонес како општественик го остварува како еден од основачите и претседател на Здружението за македонско-еврејска соработка Битола, Здружението за македонско-турско пријателство и соработка Битола и Здружението за македонско-српско пријателство Битола, еден од основачите на Еколошкото здружение на граѓани КОЛИБРИ и автор на рубриката „Денови пред години“ на порталот bitolanews.mk. Карактеристично е што во сите овие ангажмани бил активен волонтерски како позитивен пример на еден граѓанин за развој на својот град. Како хроничар на Битола дал голем придонес за развојот на спортот и спортските клубови во Битола и Македонија, на радиото и телевизијата како медиуми, а како писател има напишано десетици трудови и книги сите посветени на историјата и спортот на Битола. Со еден збор тој е жива легенда, симбол на спортот и спортското новинарство во изминатите 60 години во Битола.

Општинските награди „4 Ноември“ за 2023 година, ги додели членот на Управниот одбор на наградата 4 Ноември, Ненси Лозанче, на д-р Јован Стефановски – научен работник, самостоен истражувач, Здружение на пијанисти и музички педагози „Пијано“ Битола, Гордана Петров – Такец – писателка, поет, уметник, д-р Фанче Л. Јошевска – писател, наставник, обучувач, НУ Народен Театар Битола.

Д-р Јован Стефановски – научен работник, самостоен истражувач заради неговите научни достигнувања во инженерската област на автоматика и системи за управување. Неговите трудови се објавени во трите светски најдобри списанија во областа на автоматиката и системите за управувањето според двете рангирања Шангај и Скимаго, а има објавено уште 17 трудови во други списанија што го поставува меѓу авторите од Македонија со најголем број трудови објавени во Q1-списанија што е огромно достигнување на научник од светски ранг. Ко-уредник е на двотомната Springer-монографија, која е посветена на годишнината на неговиот ментор на докторска дисертација проф.д-р Георги Димитровски. Од 2014 избран е за вонреден професор на ФЕИТ – Скопје како и за ментор на докторски студии. Од 2006 бил Претседател на второстепената Регулаторна комисија за енергетика во еден мандат. Од 2021 со Решение има статус на самостоен истражувач.

Здружение на пијанисти и музички педагози „Пијано“ Битола добија награда поради нивниот придонес да се подигне нивото на музичката култура, културата на слушање на класична музика во нашиот град, како и имплементацијата на нов начин на едукација на младите таленти. Здружението воедно има за цел да ги стимулира, поттикнува и мотивира младите музички надежи што треба во иднина да ја продолжат музичката традиција на нашиот град. Во своето постоење здружението има реализирано бројни успешни настани како што се Музичкиот Маратон „Со љубов за Битола“, семинари по пијано со едукативно-образовен карактер, Меѓународни натпревари, Ден на пијано, Меѓународен проект “Kids Classical Music Camp” на кој зедоа учество 37 учесници од С.Македонија, Србија и Албанија. Здружението на секој начин се труди жарот за класичната музика, свирењето клавир и одржување на традицијата да го задржи на високо ниво, како и што заслужува.

Гордана Петров – Такец – писателка, поет, уметник, заради достигнувања во областа на културата, ликовната уметност и книжевно-креативната работа односно пишување и издавање на романи, книги поезија, организирање на уметнички фестивали и ликовни изложби. Автор е на 19 научни трудови, 28 романи, 11 збирки поезија, коавтор на голем број домашни и меѓународни антологии и зборници, исто така автор на рецензии за книги-поезија и проза на 20 познати писатели и поети од Македонија и Балканот, организатор е на фестивалот „Одам во Битола“ со негова традиција од 10 години. Значајна е и нејзината ангажираност и работа со учениците од основните училишта за нивно правилно и успешно насочување во нивниот едукативен и воспитен процес. На настанот ГРАНД-ГАЛИТЕО-АНТОНИО ДЕ ФЕРАРИС во Рим доделена ѝ е наградата „СТРАНСКА НАГРАДА ЗА ЕКСЦЕЛЕНЦИЈА“ Сертификат и златна плакета.

Д-р Фанче Л. Јошевска – писател, наставник, обучувач, заради достигнувања во областа на образованието, кадровскиот менаџмент и литературата. Има објавено доста книги и стручна литература, прирачници за обука на директори во основни и средни училишта на РСМ, есеи, стручни критики и предговори за ликовни каталози, рецензент е на книги и научни трудови. А исто така се занимава и со научно истражувачка активност со објавени трудови во научни списанија. Учесник и предавач на бројни научни конференции и конгреси, реализатор на бројни обуки и семинари. Нејзино најново објавено дело во 2022 год. романот „Во мирисот на дивите костени“ го слика животот на градот преку вистински приказни на одредени фамилии кои со векови живееле и живеат во Битола. Романот е компилација на минатото, сегашноста и иднината. Ова дело има за цел да се поттикне читателската публика на размислување за живеење според вредности кои треба да произлегуваат од „здрави“ принципи кои се темел врз кои опстојува една цивилизација.

НУ Народен Театар Битола, заради големите достигнувања во театарската уметност. Денес може да се пофали со 5 премиери, како и со мноштво високи награди на домашни и меѓународни фестивали во земјата и странство, и со епитетот најдобар театар во нашата земја и во регионот. Наградата е посветена на целиот колектив на Националната установа Народен Театар Битола, на сите оние кои директно учествуваат во создавањето на театарските претстави, на оние кои се на сцената, пред и зад неа. За сите уметници и луѓе кои веруваа дека театарот е наша терапија, лек, љубов… И храброста своето парче душа во овие мачни времиња, да го споделат пред Битолчани.Денес НУ Народен Театар Битола е институција која претставува врвен домашен и меѓународен репрезент на вредностите на македонската култура. Од 1944 година до денес во театарот се одржале над 570 премиерни изведби, а изведени е повеќе од 15.000 претстави кои ги гледале близу 5 милиони вљубеници во театарот.

По доделување на наградите, градоначалникот Тони Коњановски го најави големиот подарок за Битола, музичко сценската изведба на Камерниот оркестар на Битола.


1154