April 17, 2024

ЕМОТИВНА И МОЌНА ПРОМОЦИЈА НА „МАКЕДОНСТВУВАЊЕ“ ОД ДЕСАНКА НИКОЛОВА

Во преполната сала на медијатеката во Локалната библиотека „Гоце Делчев“, вчера вечерта беше промовирана најновата книга на поетесата Десанка Николова, „Македонствување“. Многу емоции,прекрасна енергија, но и по некоја солза ја преплавија многубројната публика. Промотор на книгата беше проф.Анита Станинова Мирчева која во своето обраќање истакна: „Македонствување е воскреснување и чување на сѐ наше македонско, македонскиот јазик, македонската култура и традиција, македонскиот идентитет, македонските духовни вредности. Македонштина исткаена во стихови! Секој стих е борба за Македонија. Две книги во една. Книгата,како и да ја завртиш има само почеток без крај, затоа што Македонија е љубовна приказна без крај.Поетскиот манифест „Македонствување“ го сочинуваат стихозбирките „Грутка во грлото“ и „Мудровезби“.Станува збор за субјективна лирика. Преку песните во Грутка во грлото, го запознаваме поетот патриот,родољуб, но и рефлексивниот лиричар.Оската на поетскиот дискурс околу која се вртат сите стихови на авторката во Грутка во грлото е лирско-епската потрага по идентитетот (индивидуален и национален), потрагата по смислата на постоењето,по нашето македонското. Поетските текстови во Мудровезби колку се интимни, толку се и рефлексивни. Секоја од песните во овј дел, како интертекст ја содржи народната мудрост која авторот ја трансформира за да испрати нова порака. Во најголем дл од песните, поетесата преку инвокација, се обраќа до читателот. Николова, употртебувајќи филозофско-лирска метафора, совршено постигнала креативно единство меѓу лирското и рефлексивното, меѓу поетското и филозофското во поезијата. Овие песни проткаени со животни искуства и вистини претставуваат и своевидна мотивација. Читајќи ги стиховите, читателот добива впечаток дека си пронашол нешто свое, дека тие стихови му се посветени, дека во метонимиското структуирање на песните, опеана е неговата животна приказна.Приказна која истовремено е и сечија и ничија, толку наша и блиска до секој од нас. Мудровезбите завршуваат со интерактивен дел, во постмодернистички манир. Тука е оставен простор за читателот. Читателот е тој кој што треба да ја напише последната песна како почеток на нешто ново. Стихот на Николова зрачи со полнокрвни метафори со кои се претставува сушноста на јазикот македонски“. Промоцијата беше збогатена со настап на членовите на МДПС„Премиера“ кои прекрасно ги изведоа стиховите на Николова, а настанот музички го оплеменија учениците од СОУ„Гимназија Кочо Рацин“. На крајот на оваа прекрасна книжевна средба се обрати и поетесата која рече:„ Јас мојата македонштина ви ја исткајав во стихови. Не само во стиховите од Грутка во грлото кои се патриотска лирика туку во целиот поетски манифест. Оти таа е тука, во мене, во тебе… чиниш се притаила таму некаде меѓу редовите на пожолтените, со мирис на восок црковни книги, се притаила под прагот на манастирските врати, чии камбани, тревожно биејќи, го повикуваат народот на будење. Македонштината е во молитвата изговорена на нашиот древен јазик, таа е во шепотот кој го изговараме , клекнати пред иконата и кандилото кога просиме божја милост, таа е во песните, во тажачките, таа е во тишината меѓу два збора и две мисли… Затоа Македонствувајте! Македонствувајте за да опстпоиме, за да постоиме. И не заборавајте бидете луѓе што мирисаат на душа! Бидете луѓе светлина!“


1335