ОДРЖАН ФОРУМ ТЕАТАР ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА ЗА РОДОВО БАЗИРАНОТО НАСИЛСТВО

Со цел одбележување на кампањата ОБЕДИНЕТИ, која оваа година се фокусира на темата „Инвестиции за спречување на насилството врз жените и девојчињата“, во организација на канцеларијата на УНДП и во соработка со општина Битола, во Центарот за култура, се одржа Форум театар за подигнување на свеста за родово базираното насилство.

Околу стотина граѓанки и граѓани, млади луѓе, ученици и студенти со големо внимание ги погледнаа двете едночинки инспирирани од вистински настани на фемицид и случај на дигитално насилство, а потоа и отворено зборуваа, прашуваа и полемизираа за (не)функционалниот систем, механизмите за заштита, улогата на сите чинители во синџирот на постапување, но и менталитетот на средината која знае да биде и најголемиот судија и најголемиот поддржувач.

Главниот заклучок на публиката беше дека за насилството треба да се зборува, да се информира, да не се молчи, да не се игнорира. Да се делува, да се влијае. Жртвата да се охрабри и заштити, а насилникот да се осуди.

Настанот беше отворен од Градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.

„Општина Битола, како една од општините кои посветуваат посебно внимание на еднаквите можности, родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на дискриминација, во досегашниот период е лидер во државата според почитувањето и примената на родовата перспектива во планинарањето и реализацијата.

Токму затоа, на врвот на нашите приоритети е инкорпорирање на родовиот аспект, како во програмите кои се однесуваат на подобрување на инфрструктурните услови, така и во сите други програми кои се однесуваат на еднакво вклучување на жените и мажите во социјалниот живот, образованието, културата, спортот.

Во ваквиот начин на дејствување, посебно место зазема поддршката која ја овозможува локалната самоуправа за поддршка на жртвите на родово базирано и семејно насилство, но особено превенцијата на одредени појави кои можат да водат до деструктивно однесување“, рече градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски во своето обраќање пред присутните на настанот.

Форум театарот се реализираше во рамките на 16 дневната кампања за активизам против родово базирано насилство.


1252