March 2, 2024

Концертите на Трпчески со Лондонскиот симфониски оркестар со позитивни рецензии

Пијанистот Симон Трпчески и Лондонскиот симфониски оркестар со диригентот Џанандреа Нозеда од Италија на 7-ми и 10-ти декември во салата „Барбикан“ во Лондон хронолошки ги изведоа првиот и вториот концерт за пијано и оркестар на Брамс, при што наидоа на позитивни рецензии во лондонските медиуми, информира „КултурОп“.

-Симон Трпчески беше остроумен и елегантен солист во Вториот концерт за пијано на Брамс“. Длабоко проживеана изведба на Вториот концерт за пијано на Брамс со Симон Трпчески како солист. Тој внесе многу тежина, увид и драма во органски развивачкиот почетен став и турбулентното скерцо, а сепак деликатноста на неговото свирење најмногу ќе остане во сеќавањето на друго место – чувството за тивка тишина во центарот на бавниот став, на пример, или грациозноста на финалето, со неговата ненагласена елеганција и духовитост, пишува критичарот на „Гвардијан“, Тим Ешли.

Рецензентот на „Стандард“, Бери Милингтон во својот критички осврт посочи дека македонскиот пијанист Симон Трпчески има лојални следбеници и е технички брилијантен, но полн со суптилни детали. Како што посочи, елоквентноста со која Тимоти Џонс го свиреше соло воведниот дел на хорна беше усогласен со извонредниот одговор на Трпчески, формулиран и одмерен до совршенство.

-Трпчески има близок однос и со оркестарските музичари. Тој низ пијаното охрабрувачки и’ се насмевна на главната виолончелистка, Ребека Гиливер, додека таа се подготвуваше да го свири солото што го започнува бавниот став и што таа го направи со чувство кое допира. Гиливер беше наградена и со продолжен бакнеж од Трпчески кога уметниците и’ се поклонуваа на публиката. Не сум го слушнал овој концерт изведен со таква воодушевувачки експресивна широчина, откако Даниел Баренбоим го свиреше во истата сала под диригентската палка на Антонио Папано, кој сега ја презема улогата на главен диригент на ЛСО. Тоа беше пред 18 години, поентира критичарот Милингтон.

Кон првата концертна вечер на која екипата го изведе Првиот концерт за пијано и оркестар од Брамс, критичарот на порталот за класична музика „Бахтрек“, Рој Вестбрук напиша дека солистот Симон Трпчески покажа целосно владеење на пијанистичката делница, вешто снаоѓајќи се низ нејзината очигледно незгодна испишаност за тастатурата.

-Односот на пијаното со оркестарот се менува од утеха до конфронтација. Успеа и во двете, а посебно беше импресивен во првото… Адаџото беше благослов, соодветно затоа што ракописот е напишан Benedictus qui venit in nomine Domini. Без разлика дали се однесува на трагедијата на Роберт Шуман или не, тоа влијаеше врз пијанистот. Трпчески постави живо темпо во стартот на финалето, а еланот во неговото свирење и изведбата на Лондонскиот симфониски оркестар заработија искрени овации во преполната сала, пишува Вестбрук.

Инаку, снимката од изведбата на Вториот концерт за пијано и оркестар со Трпчески, Нозеда и ЛСО ќе биде емитувана на Третата програма на Би-Би-Си на 19 февруари.

Симон Трпчески концертната 2023 година ќе ја заокружи на 23 декември во салата „Коларац“ во Белград каде што со Симфонискиот оркестар на Српската радио-телевизија под палката на шеф-диригентот Бојан Суѓиќ ќе го изведе Вториот концерт за пијано и оркестар од Сергеј Рахманинов.


1115