April 16, 2024

ДЕНЕС ГО СЛАВИМЕ СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ ЧУДОТВОРЕЦ

Свети Наум Охридски Чудотворец е роден 830. година, а починал на 23 декември 910. Година. Тој е средновековен македонски научник, писател, учител и еден од основоположниците на македонската писменост и просвета и писменостана источно-европските народи. Неговите мошти се изложени во манастирот “Свети Наум Охридски“ на крајбрежјето на Охридското Езеро.

Свети Наум потекнува од богати и побожни родители. Поради љубовта кон христијанството се откажал од наследството и се замонашил. Тој бил најмладиот ученик на светите солунски браќа Кирил и Методиј – Македонците. Со нив, тој учествувал во Моравската мисија, го ширеле христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта.

По завршувањето на Моравската мисија, тој заминал во Првото Бугарско Царство, каде го поминал остатокот од својот живот. Првично Свети Наум живеел во престолнината Велики Преслав, каде се приклучил во работата на Преславската книжевна школа. Подоцна Свети Наум заминал во Охрид, каде му се приклучил на Свети Климент во работата на Охридската книжевна школа.

Свети Наум бил еден од основачите на Преславската книжевна школа, каде бил учител од 886 до 893 година. Како еден од најдаровитите ученици на светите солунски браќа Кирил и Методиј – Македонците, во 893 година, кога Климент бил назначен од бугарскиот цар Борис I за словенски епископ во Дремвица и Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен Свети Наум Охридски, кој раководел со Охридската книжевна школа во текот на седум години. Во 900. година се повлекол во манастирот посветен на Свети Архангел Михаил. Во манастирот, Свети Наум собрал големо монашко братство.

Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на македонски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи. На Свети Наум Охридски му се припишуваат делата: “Канонот за апостолот Андреј“ и “Канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.

Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 23 декември 910 година, во манастирот “Свети Наум“, на возраст од 80 години и бил погребан лично од Светиот Климент во манастирската црква, каде и денес почива…

Брзо по смртта, Наум бил канонизиран за светец, поради чудата кои се случувале на неговиот гроб и во манастирот, а култот за него започнал да се шири во Македонија, како и во Бугарија, Албанија и Грција.

Во посланието на Охридскиот Архиепископ Јосиф од 21 мај 1740 година се вели дека, “чудата и благодатите на Свети Наум се побројни од ѕвездите на небото“.

Сепак, првите легенди и преданија за неговите чуда биле објавени во втората половина на 19. век. Во 1925 година, српскиот епископ во Охрид, владиката Николај, издал книшка со триесет чуда, преданија и кажувања за Свети Наум, пишувајќи дека “Свети Наум е почитуван и живее како опомена и совест во душите на луѓето!“

Во една легенда се вели дека Охридскиот Цар му го изградил манастирот на Свети Наум, додека во друга легенда се вели дека манастирот бил царски дворец кој Свети Наум го добил како подарок за излекувањето на царската ќерка.

За многаја лета и вечна му слава на Светиот Наум Охридски Чудотворецот! Амин!


1104